АктуелноЛокално

Левица: Денес е и ден да се потсетиме дека нашата борба не е завршена.

Политичката партија Левица се огласи по повод денешниот празник на жената, со ставот дека борбата не е завршена. Ви го пренесуваме соопштението во целост.

Денес, 8 март, ги празнуваме сите победи извојувани од жените за поеднаков и подостоинствен живот. Првпат е одбележан од страна на Социјалистичката Партија на Америка на 28 февруари 1909, во 1910 година на Интернационалната Социјалистичка Конференција на Жените е предложено секоја година да се одбележува денот на жената. 8ми март станува национален празник во СССР во 1917 година, откако жените се стекнуваат со право на глас и до 1975 година генерално се одбележува од социјалистичкото движење и од социјалистичките држави, кога е прифатен од страна на Обединетите Нации.

Но, денес е и ден да се потсетиме дека нашата борба не е завршена.

Се’ уште неплатениот домашен труд паѓа на грбот на жената – во просек најмалку два пати повеќе отколку на мажот.

Се’ уште жените се жртви на домашно насилство, а повеќето не се ни осмелуваат истото да го пријават, поради оправданиот страв дека државата нема да ги заштити.

Се’ уште работните позиции на коишто генерално се жени, се пониско платени.

Се’ уште е поголема стапката на невработеност кај жените отколку кај мажите, правејќи ги жените економски зависни од мажите.

Се’ уште женското тело е објективизирано и во голем број на случаи жената е принудена да заработува нудејќи сексуални услуги за пари.

Работната жена и понатаму се бори за бескласно општество, каде што неминовно жената нема да биде опресирана, како што тоа се случува во капитализмот.

Подобар свет е можен!
Подобар свет е неопходен!
Ќе победиме!