Работнички феминизам или богаташки феминизам?

„Ослободувањето претставува историско дело, а не дело на мислата.“ (К.Маркс во „Германската идеологија“)

Работничкиот интернационален крик од славното време на Карл Маркс беше „работниците немаат татковина“ – односно, помеѓу поединецот и човештвото не стојат националните граници, туку капиталот. Имајќи го во обзир историско-материјалистичкиот поглед на реалноста, пак може да кажеме нешто слично во насока на обесправеноста на жената денеска – на патот кон еманципацијата на жената, пред се, стои нејзината материјална беда и несигурност, отколку било каков (недостаток на) правен акт.

Имено, кога зборуваме за општествена еднаквост и рамноправност меѓу половите, во нивното политичко третирање треба да се имаат во предвид комплексните и повеќеслојни односи кои се појавуваат како пречка до еднаквоста. Така, елиминацијата на истите станува нужност, а сепак тоа не е можно со униформната концепција на еднаквоста и рамноправноста, особено не со онаа која е дефинирана од либералниот феминизам, сведен на формално-правна и пазарно-пристапна еднаквост која останува без содржина, немајќи материјални услови и средства за истата да се достигне и ужива. Накратко, во едно вакво опкружување на класна раслоеност секоја слобода чини многу, следствено, отсуството на средства значи подложност на милост и немилост на културното и историско милје во даден момент од затекнатата реалност.

Феминизмот единствено во комбинација со класната борба е во состојба да вети елиминирање на секаква доминација (која е со негативни последици) во јавната сфера, вклучително и патријархалната. Можеби некои од либералните феминистки ќе забележат дека проблемот е што „социјализмот се фокусирал само на класата, а го занемерувал проблемот на жената, односно родот“, но да не заборавиме дека пак токму капиталистичкиот систем остана слеп за сексизмот во производството и приватната сфера, а социјализмот истакна многу пати дека пазарната економија ако можеби не ја произведува родовата неправда директно, силно ја интезивира и ги репродуцира условите за одржување на истата. Во оваа насока силно одекнува и една максима од Маркс во “Прилогот на критиката кон Хегеловата филозофија„ која гласи: „Со категоричен императив: да се срушат сите односи во кои човекот е понижено, угнетено, занемерено, презирано суштество!“

Несомнено дека проблемот со женската опресија и класната поделеност се врзани со папочна врска, впрочем и историски гледано, артикулирањето со феминистички јазик се случил од социјалистки, како Клара Цеткин, Ема Голдман и Роза Луксембург. Прашањето на жените не може да се раздели од класниот проблем на целокупното општество. Но, со расцепот во работничкото движење, за време на Првата светска војна, на реформистичко и револуционерно крило, потфрли и женската борба. Иако не дека целосно згасна, токму во 1970 – тите главната парола на Њујоршката група феминистки Redstockings (црвени чорапи) беше Класната борба е борба на жените! Борбата на жените е класна борба!

За жал, денеска, женската борба во либерализмот е премногу есенцијалистичка кога се обидува да даде решение за женската угнетеност – како да политиката и економијата ќе бидат во подобра состојба ако бидат управувани од (што повеќе) жени. Оттаму и феминистичкиот активизам, сфатен во модерната НГО-форма, остана на гола одбранбена позиција „нас жените“, и чија што главна агенда се сведува на користењето на јазичната диференцијација на маж и жена. На ваков начин, феминистичките прашања се сведуваат единствено на родовиот идентитет, на сметка на класниот. Ова произлегува најповеќе од лицемерната поделба на она што значи јавно и приватно, на политичка филозофија во која темел најдува граѓанското сфаќање, за она што би требало да биде политичка заедница.

Феминизмот денеска на животот и негово одгледување НЕ гледа  како на реална продуктивна работа и очекува тоа да некој го прави без надомест, а напротив, активностите од овој тип се појавуваат како фундаментална потреба во секојдневното егзистирање на човекот. Секако, овие активности се вреднуваат, НО единствено во облик на поробување на еден вид жени (богати) над друг (сиромашните) низ форми на дадилки, хигиеничарки и слично. Реалност која сама по себе укажува на силната врска помеѓу женската еманципираност и класната опресираност. Впрочем, жените од имотната класа на овој начин се ослободени да го кршат бремето на конзервативното време, па така стануваат успешни бизнисмени, политичарки, уметнички и слично.

Женското прашање ги надминува границита на капиталистичкото производство и размена, како и од него настаната општествена култура. Затоа што, во суштина, опкружувањето кое систематски ги принудува жените да ја продадат својата женственост и независност на највисокиот понудувач, е истата гранка на истиот систем кој им дава право на неколкумина да живеат од богатството произведено од страна на 99 проценти од народот, луѓе кои мора да се трудат и робуваат за едвај да ги задржат душата и телото заедно, а плодовите на нивниот труд се апсорбираат од страна на тие неколку неактивни вампири кои се опкружени со секој луксуз што може да се купи.