Цикличната судбина на Фени Индустри

Од компанија под државна сопственост и гордост на работниот народ во бивша Југославија, Фени Индустри, низ низа турбуленции, премина во државна компанија со приватни акции во 1991ва. Приватизирана во 2001ва, таа стана дел од странската Кунико групација во 2005та, за да падот на цената на никелот пред светската криза во 2008ма ја создаде ситуацијата каде што акционерите разграбаа се што имаше, а компанијата падна под стечај во 2017 година. Околу 1000 вработени беа оставени на цедило.

Државата беше немоќна да се справи со сопствениците, кои ја опљачкаа и задолжија фабриката. Причините за тоа се разни, но генерално беше немоќна поради тоа што е тешко да гониш крупен стопанственик (казните функционираат само за сиромашните, што ќе украдат 100 ќебапчиња, не и за тие што ќе ограбат цела компанија) и поради тоа што крупниот стопанственик беше странски стопанственик, помоќен од домашните стопанственици. А чим домашните стопанственици (Мијалков, Камчев, Јорданов и компанија) не одговараат за ништо, за странските е наивно да се очекува дека би одговарале.

Сега Фени Индустри има нов сопственик, швајцарскиот Џи Сол, кој тврди дека ги исплатил долговите кон доверителите. Дополнително, Анѓушев тврди дека од 624 милиони евра странски инвестиции, токму 100 милиони биле за Фени Индустри, која по ново се вика Еуроникел Индустри.

Впрочем, Фени Индустри само ја повторува својата историја. Компанијата е повторно во рацете на странскиот капитал, кој државата покажа многу пати дека воопшто не може да го контролира, и кој може да „избега“ исто како претходниот, оставајќи ги вработените повторно на цедило, фабриката повторно под стечај.

И сосема соодветно Анѓушев за стечајот на Фени Индустри рече дека е најуспешниот во историјатот на Северна Македонија. Бидејќи, баш ова е стандардот по кој ќе се води Северна Македонија. Нашите судбини ќе ги препушта во рацете на странскиот капитал, од нашиот труд ќе печали Западот, а кога ќе појде се наопаку, нас ќе ни останат фабриките, под стечај и со долгови, кои нема да ни ги дадат сами да си ги работиме, туку пак ќе бараат некој нов господар да ги купи.

28 години in the making, конечно е исклесано и новото мото на Републиката, дочекано со громогласен аплауз на локалните вазали: Смрт на работниците, слобода на Северџаните!