Пол Робесон: Пејачот на револуцијата
На денешен ден роден е Пол Робесон, музичар, писател, актер, спортист и политички активист, кој бил син на побегнат роб од плантажите на Јужна Америка. Тој уште од раното детство расте во опкружување на расизам и дискриминација на секој чекор, со што животот во такви околности и постојаната борба за место во општеството, неминовно го изградува како доследен борец за правата на Афро-американците.
Во триесетите години на 20-тиот век, половина од афро-американското население во САД не можеше да се вработи. Во градовите во северниот дел на земјата, американските власти бараа секој “нигер” да биде отпуштен, додека постои најмалку еден невработен белец. На југот, линчувањето и бруталните убиства сѐ уште биле нормална појава и не биле казнувани, покрај многуте други форми на дискриминација.
Пол Робесон во тоа време e еден од најпознатите Афроамериканци во САД, а можеби и во светот. Неговите песни се преведени на 25 јазици на сите континенти. Во својата книга „Црнците и Советскиот Сојуз” Робесон ја фали државата во која не постои расна дискриминација, што било реткост и исклучок во тој период. За ова сведочи и неговата позната изрека, кога во 1934 година, на покана на режисерот Сергеј Ејзенштајн доаѓа во Советскиот Сојуз: „Тука не сум црнчуга, туку за прв пат во својот живот се чуствувам како нормално човечко битие.” Факт кој денес намерно се занемарува е дека Советскиот Сојуз во тој период понудил поддршка на угнетените маси со “погрешна боја на кожа”, кои биле обесправени во нивната матична земја. Се претпоставува дека околу 18.000 американски црнци се преселиле во СССР и градејќи социјализам, конечно добиле подобар живот.
Посетите на Пол и отворените симпатии кон Советскиот Сојуз дополнително го отежнале неговиот живот во САД. Сепак, тој успева да остане доследен во своите ставови. Во периодот на Студената војна, Робесон отворено ги повикува своите афро-американски сограѓани да не подигнуваат оружје против други нации, туку против расистите во САД, поради што бил прогласен за предавник на САД. Тој ја испеа химната на СССР на англиски јазик со изјавата “Ќе пеам секаде каде што луѓето сакаат да ме слушнат и нема да дозволам да ме уплашат”. Како што се зголемувал неговиот ангажман, се зголемува и репресијата против него и саботажата на неговата кариера. Американските власти му го одзеле пасошот и неговата деловна способност и му забраниле да работи, заради тоа што бил симпатизер на комунизмот.
Кога американските конгресмени во 1956 година го прашале зошто кога толку многу го сака Советскиот Сојуз, не се преселил таму да биде роб во нивните гулази, Робесон ќе одговори со неговата позната реченица: “Бидејќи татко ми беше роб и моите луѓе умреа за да ја изградат оваа земја. И јас ќе останам тука, со истото право на земјата кое вие го имате. И ве уверувам, ништо на светов не е повеќе изградено врз ропски труд, од ова општество!”