ЛокалноСтав

Шовинизмот на „прогресивните”

Една од најканцерогените појави во политичката мисла во Македонија според мене е: ,,Со задоволство би гласал за кандидат Ром затоа што се најмаргинализирана група во нашето општество, ама Амди е корумпиран кловн и за него не гласам.”

НЕ! Ова го одбивам како начин на размислување. Ова како став претставува гнасна манипулација која е само реафирмирање на статус квото, спакувана во обид да се звучи прогресивно.

Прво и основно што мора да се спомне е дека Амди Бајрам не е Ром. Тој е Ром колку што Али Ахмети е Албанец или пак Заев е Македонец, чисто декларативно и ништо повеќе. Не се дел од тие заедници, не ги делат истите секојдневни проблеми,  така што не ни можат да бидат нејзини претставници. Амди Бајрам е на секој можен начин просечен политичар во македонската сцена, што само по себе кажува многу повеќе за политичката сцена од што кажува за ромската заедница.

Второ, крајно безобразно е да се бара од најмаргинализираната заедница да ти ги задоволи стандардите за како треба да личи и да се однесува еден политичар. Барање од Ромите, додека се борат за гола егзистенција, да ти продуцираат политичар кој ќе ги задоволи твоите стандарди, кои произлегуваат од отцепеност од материјалните околности во кои живеат Ромите, е според мене форма на опресија. Нема никаква разлика помеѓу ова и случајот во Битола (сигурен сум дека има повеќе примери, но овој доби медиумска покриеност) каде не ги примаа во базенот заради тоа како изгледале.

Вистинскиот пристап, за некој кому му е гајле за Ромите, е неприфаќање на ниту една политичка опција која нема изречити заложби за создавање на услови кои би им дозволиле да излезат од положбата во која се. Се останато е тапшање на сопственото рамо за својата умислена „прогресивност“ за време на репродуцирањето на статус квото.

Став на Бранко Ристов, член на Левица.