Не бутнавме режим, само го свртевме љубовниот триаголник СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ
Не е Законот за пазарџии чекор кон правна држава, туку е бизнис дил меѓу ДУИ и кванташката мафија.
Не е новиот данок прогресивен, туку е лицемерен акт на воспоставување повисока стапка на даночење на подобро платената работна сила од стапката на даночење на милионските добивки на Анѓушев и компанија „самонаправени“ милијардери.
Не е Преспанскиот договор никаков историски пораз над фашизмот во собрание, туку е чин на легитимирање на грчкиот шовинизам за да не напикаат во НАТО.
Не е Законот за јазици никаков космополитски чин за унапредување на правата на малцинствата, туку е отпочнување на нов циклус партиски вработувања на раја што ќе ги гласа ДУИ, на сметка на повисоката сегрегација на работниот народ во државава.
Не е Мицковски никаква опозиција, туку е тројански коњ кој глуми загриженост за уставните промени, дур неговите „бивши“ сопартијци за истите гласаат во собрание. Само е среќен што на ДПМНЕ не му се „падна“ да ги спроведува овие уставни промени.
Не им избега Груевски , туку го пуштија да ја напушти државата. Не, нема да „си лежи“, како што нема да „си лежат“ ни Мијалков, Камчев, и како што кога ДПМНЕ ќе се врати на власт, нема да „си лежат“ ни Заев, Димитров, Анѓушев.
И не бутнавме режим, туку само го свртевме љубовниот триаголник СДСМ – ДПМНЕ – ДУИ. И наскоро пак ќе се сврти, кога после уставните промени Мицковски ќе се профилира себе си како демократски десничар од калапот на Меркел и ќе стане премиер на Северна Македонија. И ќе се врти, дур еден ден не ни прекипа и не им го искрши народ тој триаголник на парчиња.
Автор: Јован Крајевски
Преземено од ФБ статусот.