Пазарџиите протестираат против новиот закон
Пазарџиите од Скопје и од Куманово денес се на улиците и протестираат против новиот закон според кој пензионерите, вработените и луѓето кои остваруваат некакви хонорари, нема да можат да добијат лиценца за тезга. Во Куманово тие ја блокираа едната сообраќајна лента од булеварот „Трета МУБ”, а во Скопје излегоа на протест пред Собранието.
Пазарџиите се жалат и за цената на лиценцата, која изнесува 3600 денари за првата тезга, 2400 денари за секоја наредна. „Не можеме да извадиме закупот да го платиме, ниту осигурувањето, ниту паушалот, за лиценца не станува збор“ вели Али Агушевски од Куманово кој продава текстил, додека Садри Арифи се жали и за намалениот број на муштерии поради зголемениот број на супермаркети околу пазарот и намалениот паркинг простор. „Пазарот со години е опкружен со супермаркети, немаме паркинг, муштериите немаат каде да паркираат, секоја година се помал број на муштерии имаме“, вели Арифи, посочувајќи дека и сегашните давачки се превисоки и дека едвај преживуваат.
Во Скопје, пазарџиите искажуваат револт и разочараност од новата влада. „Додека беше Бранко на власт, ни воведе куп давачки, по него дојде Груевски, ајде малку го ослободи пазарот, но и тој не го направи она што го вети. Сега, ајде му дадовме шанса на Заев, кој вети живот, а испадна ист како Бранко. Нема никаква разлика помеѓу неговиот 15-ти септември и животот на Заев, исто е. Затоа ли го гласавме, ова ли е тој план“ прашува еден тезгаџија што продава зеленчук на Бит-пазар, додека друг пазарџија порачува „Не прифаќаме лиценци. Не, за лиценци, нема да им помине. 40 години сум на пазарот, ова е невидено што сега ни го прават. Погледнете колку сум облечен, цел ден се мрзнам да продадам еден-два килограма ориз и издржувам петчлено семејство. Чесно си го заработуваме лебот, нека нè остават на раат“.
Комората на трговци изјави дека законот бил добар и дека мора да се применува бидејќи е донесен со нивни амин. Но, издавањето на лиценци оди слабо, и од 1 јануари до сега се издадени само 50-тина лиценци. Според процените на Комората, во Македонија има 15.000 тезги. Дел од нив се празни, а некои пазарџии држат и по повеќе тезги, но нема прецизна статистика колку пазарџии треба да се лиценцираат.
Голем дел од пазарџиите се од албанска етничка припадност, па тоа што законот е донесен под притисок на политичката партија ДУИ ја отсликува дискрепанцата помеѓу интересите на работниот народ од албанска етничка припадност, кој борба води да сврзе крај со крај во месецот, и политичката елита од албанска етничка припадност која им го вади лебот од уста на овие луѓе. Истовремено, ДУИ, БЕСА и АА си го креваат рејтингот врз дополнителната сегрегација на општеството во државата предизвикано од новиот Закон за јазици, претставувајќи се себе си како херои на албанскиот етникум, притоа дефокусирајќи ја јавноста од бројни прашања и процеси кои се одвиваат моментално, меѓу кои е и спроведувањето на новиот закон за пазарџии.