Империјализмот и највисокиот стадиум на капитализмот
Во 1916 година, во екот на Првата светска војна Ленин го напиша марксистичкото ремек-дело насловено како „Империјализмот, највисокиот стадиум на капитализмот“. Тој, користејќи ги методите на марксизмот, ги анализираше современите појави покажувајќи ја деструкцијата на „слободната конкуренција“, појавата на монополскиот капитализам и (паралелно со него) и појавата на империјализмот. Денес, кога на широко се зборува за глобализацијата и за агресивноста на американскиот империјализам на светската сцена, ова истражување за империјализмот е од огромно значење за сите оние кои сакаат да ги разберат актуелните случувања.
Во предговорот напишан во април 1917, Ленин пишуваше дека „памфлетот ќе му помогне на читателот да ги разбере фундаменталните економски прашања, тие за економската суштина на империјализмот, бидејќи неговото непроучување значи невозможност да се разбере и процени современата војна и современата политика.“
Империјализмот и колонијализмот постоеја долго време пред капитализмот. Империјализмот на Римската Империја, заснована на ропството, е еден од најраните примери. Сепак, денешниот империјализам како највисок стадиум на капитализмот е со квалитативно поинаков карактер.
Новата фаза на капитализмот, според Ленин, се карактеризира со „енормен раст на индустријата и извонредно брза концентрација на производството во рацете на се поголеми претпријатија“. Потоа „многу значајна одлика на капитализмот во својот највисок стадиум на развој е така наречената комбинација на производството, т.е. групирање во едно претпријатие на повеќе различни гранки од индустријата…“ Денес, концентрацијата на производството и сопствениците прерасна во извонредни размери. Гигантските транснационални коорпорации и трустови, како Форд, Крајслер и Мајкрософт чекорат низ светот во потрага по нови пазари и евтин труд. Индустриите за масовно производство од минатото („фордизам“), се заменуваат со нови техники и методи, со единствена цел за максимизирање на своите профити.
„Пред пола век, кога Маркс го пишуваше „Капиталот”, слободната конкуренција им се чинеше за прекубројното мнозинство на економисти за „природен закон“. Официјалната наука, со завера на молк се обиде да ги убие делата на Маркс, кој со теориска и историска анализа на капитализмот докажа дека слободната конкуренција ја зголемува концентрацијата на производството, што во одреден степен на општествен развој, неминовно води кон монопол. Денес, монополот постана факт.“
Епоха на немилосрдна конкуренција
За Ленин, бумот на крајот на деветнаесетиот век и кризата од 1900-1903 година резултираше со квалитативна трансформација на капиталистичката економија. „Картелите станаа основа на целиот економски живот. Капитализмот се трансформираше во империјализам.“
Оваа епоха се карактеризира со убиствена, немилосрдна конкуренција, каде предаторските монополи се стремат да ги елиминираат своите ривали, правејќи обид да ги поткопаат и да ги уништат целосно. Оваа борба има повеќе форми: блокада на снабдувањето со суровини, затворање на трговските излези, „џентлменски договори“ помеѓу купувачите, снижување на цените и изнудување на кредити. „Гледаме како монополистите ги задушуваат сите кои не се покоруваат на нивниот јарем, на нивниот диктат“ – пишуваше Ленин.
Циклусот на бум и рецесија на капитализмот, како и периодичните финансиски скандали и кризи со сопствеништвото, исто така го земаат својот данок. „Кризите од секој вид – најчесто економските кризи (но не само тие) – значително го зголемуваат стремежот кон концентрација на производството и кон монопол.“
Заедно со концентрирањето на индустријата, расте значењето на финансискиот капитал. Банкарските и финансиските куќи, кои на почетокот го подмачкаа развојот на производството, почнаа да се спојуваат со индустријата, создавајќи финансиска олигархија во тој процес. Тоа е епоха на државен монопол над финансискиот капитал, каде државата станува цврсто поврзана со банките и трустовите. Државата не е ништо повеќе од извршен одбор на владеачката класа. Во империјалистичкиот стадиум започнува борбата за поделба на светот помеѓу империјалистичките сили и доаѓа до формирање на политички сојузи. „Приватните и државните монополи се исплеткани во епохата на финансискиот капитал… двата монополи се одвоени врски во империјалистичката борба помеѓу монополистите за поделба на светот.“
Друга значајна особина на империјализмот претставува извозот на капитал – а не само извозот на простите стоки – кој со тек на време добива се поголемо значење. Ленин објаснува дека „потребата за извоз на капиталот произлегува од фактот што во неколку земји капитализмот постана `презрел` и поради назадната состојба во земјоделството и сиромаштијата на масите, капиталот не може да најде поле за `профитабилни` инвестиции“. Тука лежи поттикот на капиталистите за освојување на нови пазари и свежо поле за нови инвестиции во колониите, предизвикувајќи експанзија на светската економија. Во поназадните области, како Русија каде капитализмот беше накалемен на полуфеудални односи, се направија современи фабрики и железнички и транспортни системи.
Подоцна, посебно по 1945, тоа се промени така што извозот на капитал се концентрираше во поразвиените капиталистички земји. Капиталот не течеше кон помалку развиените земји, туку странските инвестиции се зголемија помеѓу развиените капиталистички сили. Тоа беше една од главните причини за пост-воениот бум. Извештајот на Светската Банка од 1985 година потенцира дека околу три четвртини од странските директни инвестиции завршиле кај високо индустријализираните земји. Овој процес се интензивираше во последните 20 години. Факт е дека ММФ и Светската Банка исцедија големи суми на капитал од „Третиот свет“ и ги префрлија во главните капиталистички сили. Во должничката криза од 1980 година, економиите-должнички не беа способни да создадат доволно извоз да си ги отплатат долговите, што резултираше со серија на неизвршување на паричните обврски. Овие кризи ги ставија економиите од тн третиот свет во канџите на диктатите на Меѓународниот Монетарен Фонд со неговите „програми за структурни реформи“ (програми за штедење), кои беа извор на стагнација, хиперинфлација и сиромаштија.
Точно наведе Хилфердинг дека „финансискиот капитал не сака слобода, туку доминација“. Најсилниот империјализам на планетата – американскиот – ја игра таа улога веќе 100 години. Тој се стремеше 20-ти век да стане „американски век“, како што 19-ти век беше епоха на британскиот империјализам. Империјалистичката надворешна политика на Соединетите Американски Држави, како и во сите капиталистички земји, е диктирана од потребите на олигархијата (воено-индустрискиот комплекс) која владее со Америка. Седумдесет години американската владеачка класа беше очајна прво да го уништи, а потоа да го спречи развојот на Советскиот Сојуз по 1945 година. Национализираната планска економија, и покрај тоталитарниот карактер, беше сметана за смртна закана на капитализмот. Студената војна беше период на интензивно воено и дипломатско ривалство помеѓу двата некомпатибилни општествени системи, потхранети со опасноста за заемна нуклеарна анихилација.
Новиот светски поредок
„Новиот светски поредок“ прогласен од Џорџ Буш по 1990 година и по колапсот на сталинизмот, не е ништо повеќе од план за светска доминација на САД. Идејата за „мирна поделба“ исчезна со колапсот на Берлинскиот ѕид, во најголемата узбуна за вооружување во историјата. САД интервенираше насекаде за да изгради свои сфери на влијание во области кои формално ги контролираше СССР. Следеа интервенции на Балканот, Кавказ и Средниот Исток, судирајќи се со интересите на Русија, Германија, Франција и други. Планот за „Нов американски век“ не е ништо повеќе од стратегија за светска доминација на новата американска „империја“. И сето ова лицемерно се прави во името на „демократијата“ и „војна против теророт“.
Во една просветлувачка статија на „Фајненшл тајмс” насловена како „Мотивот за профит оди во војна“, авторите сликовито ја објаснија империјалистичката политика на САД. Минатата декада беше сведок на тивка револуција за начинот како САД ја употребува својата моќ надвор. Во Првата заливска војна, односот на американски војници спрема платениците беше 50:1. Во 2003 година, во Ирачката војна односот беше 10:1, колку и при интервенциите на Клинтоновата администрација во Босна и Косово. Како што покажуваат бројките, клучните воени функции се префрлуваат на приватни компании; и демократските и републиканските претседатели ги приватизираат критичните аспекти на националната безбедност на САД. Во груби црти кажано, колку да се добие подобар увид за ова поместување, вкупните договори за Халибартон за Ирак до денес се проценети на 11 до 13 милијарди долари, два пати повеќе од трошоците на САД во Првата заливска војна. (17.11.2004, Фајненшл тајмс)
И покрај колосалната моќ на американскиот империјализам, кој поседува поголема воена сила од вкупната сила на останатите девет најголеми воени сили, тој сепак има граници. САД беше поразен во Виетнам, земја со 19 милиони селани, како резултат на револуционерното расположение во армијата и масовната опозиција дома. Секоја надворешна агресија на американскиот империјализам предизвикува бран на немири низ американскиот народ, посебно кај Црнците, Латиноамериканците и другите малцинства.
Исчезна сонот за вечнорастечкиот мирољубив капитализам. Наместо епоха на мир и просперитет, човештвото влезе во најбурниот период во историјата. Нова криза ја следи старата криза. Вртлогот на војната во Ирак не е завршен, туку само што започнува бескрајната криза и метеж. Средниот Исток претставува буре барут. Нема ниту еден стабилен режим во цела Латинска Америка, а посебно во Азија и Африка. Ленин потенцираше дека империјализмот значи војна. Дури и во растот по 1945 година, имаше само 19 дена мир во светот. Ленин многу добро објасни дека „во минатото, релативно „мирољубивиот“ капитализам не беше воопшто мирољубив за стотици милиони од третиот свет, туку претставуваше ера на угнетување, страдање и хорор кој беше стравичен и претставуваше ужас без крај“. Оваа епоха со сигурност е надмината и моментално на сцена е епоха која е многу понасилна, полна со болка, уништување и терор, епоха која за населението повеќе не е„ужас без крај“, туку се претвори во „ужасен крај“.
Да се сруши капитализмот
Само со рушење на светскиот капитализам може да се елиминираат ужасите на војната, на гладот и сиромаштијата. Свеста на работничката класа се менува, на што сме сведоци по револуционерните настани во Латинска Америка. Црвениот крт на револуцијата, да се послужиме со зборовите на Маркс, длабоко рие. Една револуционерна победа ќе ја промени светската ситуација и ќе отвори нови перспективи за масите ширум светот.
Извор: Marxist