Си Џинпинг во Москва – Поддршка за Путин и заедничко чествување на победата над фашизмот

Кинескиот претседател Си Џинпинг слета денес на московскиот аеродром Внуково во 18 часот, започнувајќи официјална посета на Русија која ќе трае до 10 мај. Според руската новинска агенција „Интерфакс“, посетата има силен симболички и геополитички карактер, особено поради нејзиното времено совпаѓање со чествувањето на 80-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.

Во рамки на посетата, Си ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Состанокот доаѓа во момент на зајакнување на руско-кинеските односи, со двете земји отворено декларирани како стратешки партнери наспроти Западот, и во услови на засилена изолација на Русија од страна на САД и ЕУ.

На 9 мај, Си Џинпинг ќе присуствува на традиционалната воена парада на Црвениот плоштад во Москва, со која Русија го одбележува Денот на победата над фашизмот. Оваа година парадата има посебна тежина – 80 години од крајот на Втората светска војна – и покрај војната во Украина, Кремљ инсистира на одржување на големата манифестација со силна меѓународна димензија.

Се очекува повеќе од 20 светски лидери да бидат присутни на парадата и на низа свечени настани во руската престолнина. Присуството на Си Џинпинг ќе биде еден од највпечатливите дипломатски сигнали – со оглед на растечката воена и економска соработка меѓу Москва и Пекинг.

Оваа посета се смета и за демонстрација на поддршка на Кина кон Русија во период кога Западот воведува нови санкции против Москва, додека Пекинг сè погласно се позиционира како противтежа на западното влијание во глобалната политика. Според дипломатски извори, на состанокот меѓу двајцата лидери ќе се разговара и за економски проекти, транспортна поврзаност и координација во рамки на БРИКС и Шангајската организација за соработка.

Може да ве интересира