Пост фестум референдум – или после борба со копјето во трња
Предреферендумската агресија на Владата, особено предизвиканата штета со „информативната“ кампања, после резултатот од референдумот се претвори во политичка сага за либералната демократија. Во обид да се избегне признавање на катастрофален пораз, власта прибегна кон „салто мортале“ техника во претставувањето на резултатите. Почнувајки од тоа дека референдумот е успешен а ние среќни, се обиде бојкотирачите да ги помножи со нула, за на крај да „заклучи“ дека народот е глуп и заостанат штом одби да биде поводен за оглав во повторно заробената Македонија.
Референдумот НЕ помина, одлуката поставена на плебиститарно одлучување беше отфрлена од огромно мнозинство. Повеке од 60% одбија учество во манипулаторскиот процес кој власта го приготви, се со цел избегнување на одговорноста. Палетата на специфични причини заради кои бојкотираа специфични групи од електоратот е широка. Но, едно сигурно беше заедничко за сите, а тоа е дека народот конечно се ослободи од стегите на груевизмот и не дозволи уште еднаш да биде уценуван со било што за да игра онака како што власта ќе му засвири. Меѓу другото, корупцијата и непотизмот на власта, кои се во полна пареа од самиот почеток на нејзиното владеење, ги одби луѓето од учество во политичките процеси, згрозени и разочарани од новата власт која ветува мед и млеко, а се што прави е занимавање со НАТО и името.
Референдумот беше многу повеќе од неуспешен. Со резултатот од истиот не само што се отфрли договорот од Преспа, туку се исцрпи и последната капка легитимитет на сегашната гранитура да владее. За ова не ни мора да се бараат формално правни причини, туку едноставно да се увиди дека оваа власт беше комплетно „прекрстена“ во договорот. Сега, кога таа опција пропадна, таа нема визија како понатаму, а пак нема ниту политичка волја за тоа, бидејки договорот беше алфа и омега за сите нејзини планови – „алтернатива нема“ нели. Сега одговорните конечно треба да си поднесат оставка, да престанат да бараат заеднички јазик (читај интерес) со ДПМНЕ и да распишат предвремени парламентарни избори кои претходно техничката влада ќе има за цел да ги спрема во насока тие да бидат фер и демократски: да го исчисти избирачкиот список, ако е потребно да спроведе попис, цела држава да се прогласи за една изборна единица, строго и во сооднос со стандардот да се ограничат средствата на политичките партии кои можат да ги потрошат во кампања и да обезбеди еднаква медиумска застапеност на сите учесници во таа трка.
На крај, остана само последна грижата на „независната“ орда од експерти кои после шокот од референдумските резултати се загрижија како ли ќе сме се справеле понатаму со волку многу поларизираното општество?! Па, господа, да не сакавте вие сиромашните и богатите да се ГУШКААТ еднаш неделно и тоа во определен ден, време и место од Министерството за труд и социjала?! Не, тоа повеќе не може да врви, општеството е екстремно класно поделено и тоа го води во пропаст и уназадување. Поларизацијата, отсега па понатаму, ќе биде уште поизразена и ќе предизвика надминување на етничката поделба во Македонија и еден вид на секуларизација на јавниот дискурс во политиката. Отсега, политиката ќе биде борба на една класа наспроти друга, затоа што веќе со ништо нема да може да се иззема државата и било која власт од одговорноста за лошата економска состојба и од неа произлезената беда во скоро секој пора од секојдневното живеење.