Ослободен член на Партијата на Црни Пантери после 45 години во затвор

Роберт Сет Хејс е еден од ретките поранешни членови на Црните Пантери и на Армијата за ослободување на Црнците кој беше ослободен после децении во затвор во САД. Пред неколку дена тој беше пуштен на условно, откако во 1973-та година беше осуден за убиство на полицаец во Њујорк.

И покрај неговото примерно однесување и исполнување на условите да биде условно ослободен уште во 1998-та година, Хејс десет пати претходно бил одбиен поради неговото политичко минато и идеологија, пред конечно да биде ослободен.

Тој е еден од малкуте револуционери и членови на организации за ослободување на Црнците кои досега биле пуштени на слобода. Многу од неговите другари се сè уште зад решетки, а дел и веќе умреле таму.

Хејс има служено во Виетнамската војна, каде бил повреден и има примено неколку воени награди.

Тој се приклучил на Партијата на Црни Пантери откако неговата единица добила наредба да ги загуши социјалните движења што следеле после атентатот на Мартин Лутер Кинг. “Тоа беше најтажниот ден во мојот живот” – изјавил тогаш Хејс “и никогаш повеќе нема да можам да се идентификувам со целите на мојата армија или на владата.”

Во 1973-та година, Хејс беше осуден за убиство на полицаецот Сидни Томпсон, други обиди за убиство, неколку обиди за кражба, поседување на оружје и колективно дејствување. Без никакво претходно кривично досие, тој беше осуден на 25 години затвор.

Судот континуирано одбиваше да го пушти Хејс условно на слобода, тврдејќи дека тој сè уште претставува закана за општеството. Неговото здравје значително се влошило во 2000-та година, кога му бил дијагностициран хепатитис Ц и дијабетес, за што властите не му обезбедиле соодветна медицинска нега.

Уште најмалку 19 активисти од црнечките ослободителни движења се наоѓаат зад решетки, како што е случајот на Мумиа Абу Џамал. Многумина се затворени на 20 годишна возраст, обвинети за слични дела, кога се приклучиле на црнечките ослободителни движења и кога започнале со борбата за ослободување на својот народ.

 

текстот е преведен од ТелеСур