Лицемерието на „борците за правда“

Македонија – земјата на ефтиното спинерство скриено под превезот на новинарство. Како истакнат новинар/активист (мора со „/“ затоа што позната тактика на спинерите е злоупотреба на нивната неодреденост по вокација) испраќа телеграма до македонската јавност „без заобиколувања, без стилизации, директно и искрено“.

Ова го прекршува во првата следна реченица. Поставувањето на референдумот за името како прашање за европска иднина е рамно на лага. ЕУ отсекогаш барала реформи во клучни сектори од кои сите досегашни власти во Р. Македонија зависеле. Јавна администрација, судство, корупција, организиран криминал, основни човекови права и слично се сфери од кои ни зависи членството, сфери во кои реформите до сега биле само мачкање на очи. Имено, во последниот извештај од ЕУ наведени се условите кои се потребни да ги исполниме за да бидеме примени и нивото на исполнување од наша страна. Во ниту еден услов немаме позитивна оценка, освен во графата „добрососедски односи“ кои јас лично би ги опишал на многу начини освен добрососедски, ама ова ќе го оставам други да го интерпретираат.

Чисто заради аргументирана критика има потреба набрзина да се направи еден краток осврт на извештајот и заклучоците од него:

  • Јавна администрација

Заклучокот гласи дека е потребна силна политичка заложба која ќе гарантира професионална и ефикасна администрација. Ова особено се однесува на назначувањето на високи позиции, почитувањето на принципите на транспарентност, правична застапеност и сл. Сегашната влада (што не значи дека е единствена по овој начин на функционирање) како директор на зоолошка градина  назначи менаџер на дискотеки кој претходно немал никакво искуство во конкретната област за која е назначен, за генералниот секретар на Владата изби скандал за лажиран втор докторат во своето CV објавено на официјалниот сајт на Владата и на огромен број високи позиции беа назначени лица без јавни конкурси, чија единствена квалификација е блискоста со луѓе од високиот ешалон на партиите кои се на власт.

  • Судство.

Иако Европа на ова поле го поздравува “значителниот труд за реформирање на состојбата во судството”, реалноста која ние секојдневно ја согледуваме е многу поразлична. Додека луѓе за лесни прекршоци лежат во затвор, на слобода се шетаат поединци осудени за тешки кривични дела со условни казни, што дополнително го прави очигледен фактот дека најтежок и најопасен криминал по општото добро за нашиот правосуден систем е немањето пари. Дополнително, треба да се спомне тоа дека Уставниот суд пред извесно време беше обвинет за калкулирање со предметите кои беа поднесени од страна на коалицијата О2 против неконтролираната градежна експанзија во општина Карпош.

  • Борба против корупцијата.

По оваа точка оценката на ЕУ е генерално негативна и претставува еден од најгорчливите проблеми на нашата држава во изминативе децении. Во нивниот извештај тие оценуваат дека корупцијата е длабоко всадена во сите сфери на општественото живеење и не се преземаат доволно мерки за нејзино минимизирање. Како потенцијална реформа која би била ефикасна во борбата против корупцијата е воведување на оваа проблематика во рамките на основното образование. Борбата против една појава како корупцијата која претставува “рак за секое општество”, меѓу другото, мора да се реализира и преку едукација на најмладите членови на општеството, градејќи генерации со морален и вредносен систем кои во иднина ќе се спротистават на разурнатиот,корумпиран систем и кои нема со индиферентност да ја прифатат наследената статус кво состојба.

Затоа што најдобар начин да се бориш против е да отидеш и на деца да им кажеш дека постои нешто кои е негативна појава но возрасните не знаат како да се справат со тоа.

  • Борба против организиран криминал.

Иако законските рамки генерално се усогласени со легислативата на Европската Унија, сепак резултатите во пракса се очајни. Лаички кажано, иако законите се добри на хартија, недостасува нивно неселективно и правично имплементирање.

  • Основни човекови права.

Тоа што особено ми падна во очи од извештајот е барањето за поголема вклученост на Ромите. Како држава која максимално се труди да заборави дека Ромите постојат, нормално со исклучок за време на избори, реализирањето на овој услов ќе оди тешко. Ќе наведам еден пример за нашиот третман кон Ромите за да не делува дека мојата строга критика е неаргументирана. Во населбата Злокуќани, поточно во ромското маало, во голема мера нема канализација, проблем за кој сум речиси сигурен (судејќи по приватното езеро кое го поседува) дека го нема во куќата на Орце Камчев која е на 500м од маалото. Општината во насока на решавање на овој проблем аплицираше за грант за изградба на адреналински парк, што доволно јасно ја отсликува волјата на владеачките партиии за интеграција на Ромите во нашето општество.

Во кратки црти резимирано, успешноста на референдумот нема некаква поврзаност со влезот во ЕУ. И да помине референдумот со исходот за кој Дерала агитира, ние ќе бидеме вратени на „поправен“ исто како што ја вратија и Албанија, иако од 2009-та година како земја – членка на НАТО-пактот чека пред вратата на ЕУ.  Ама ете за Дерала „нема ниту време ниту простор за други прашања“.

Генерално целата „телеграма“ се сведува на стариот добро познат начин на „дебатирање“ за исклучиво важни и чувствителни прашања. Со оваа тактика се соочувавме секојдневно единаесет години. Ако не се сложуваш со политиките на ВМРО – ДПМНЕ, тогаш си предавник и соросоид. Доколку не се сложуваш со “животоносителните” одлуки на СДСМ, тогаш си националист и вмровец. Со промената на ликовите во јавниот дискурс, произлезе дека АНТИ-НАТО ставот значи дека си русофил. Значи дајте да бидеме сериозни.

Се спрема референдум за промена на име на држава со цел влез во воен сојуз кој во минатото неколку пати го прекршил меѓународното и военото право заради воени интервенции во странски држави. Со оглед на пропагандата која форсира некоја идеја дека ова ќе значи економски просперитет, чувствувам потреба да повторам “влез во ВОЕН СОЈУЗ”!