На повидок нова анти-руска кампања
Нов бран анти-руска кампања е веќе во тек во Англија, откако минатата сабота маж и жена беа пронајдени во бесвесна состојба во Ејмзбери- на 13 км од Сализбери – местото каде во март беа отруени и поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. Новиот случај е придржуван со слични пропагандистички трикови, се поставува како главна вест, а има за цел да шири паника. Бен Валас, британскиот министер за безбедност веќе ја обвини Русија за случајот, иако сомнеж отвораат најмалку два детали. Според Телеграф, еден од отруените е регистриран зависник на хероин, детал кој изостанува од извештаите на мејнстрим медиумите, а би можел да фрли сомнеж врз причината за неговата здравствена состојба. Другиот извор на сомнеж е фактот што двата одделни напади со „новичок“ се случија на само неколку километри од Портон Даун – лабораторија на Министерството за одбрана, каде се складира „новичок“ за експериментални цели.
Ниту еден новинарски извештај не ги спомнува овие детали. Напротив, прстот повторно брзо се вперува кон Русија и се шири незаснована паника, слична на таа која ја постави подлогата за анти-руската кампања од март.
Дури и лидерот на Лабуристите како главен опозиционер Џереми Корбин тогаш повикуваше на трезвеност и ја обвини конзервативната Влада за избрзано и неосновано обвинување на Русија. Ниту Портон Даун – (лабораторија на Министерството за Одбрана, која се наоѓа точно на средина помеѓу двете локации на труења- Сализбери и Ејмзбери), ниту Oрганизацијата за прохибиција на хемиски оружја во ниту еден момент не излегоа со докази за потеклото на нервниот агенс. 4 месеци подоцна, обвиненијата на Меј и Џонсон остануваат незасновани.
Отсуството на докази за потекло на нервниот агенс не ја спречи Британската Влада во започнувањето на оркестрирана анти-Руска кампања, која доведе до протерувањето на 23 руски дипломати од Британија, вкупно 25 други земји протераа руски дипломати, а меѓу нив беше и Македонија. На 26 март, МНР протера еден дипломат на Руската Федерација заради случајот Скрипал. Во соопштението се велеше дека ваквата одлука била донесена во „тесна консултација со „нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“.