НАТО самитот како предвесник на трговските војни кои можат да доведат до воен конфликт.

Денес заврши НАТО самитот кој започна вчера во Брисел. Македонија, доби условна покана за членство во пактот. Условот е се разбира промена на уставното име и исполнување на останатите пропратни обврски од „преспанскиот договор“, кој треба да биде одобрен на референдум во земјава а за кој денеска генералниот секретар на НАТО Столтенберг отворено изјави дека НАТО пактот ќе агитира и врши притисок да одговорот на референдумот биде ДА. Притоа, мора да се напомене дека ова се само првичните услови кои треба да се исполнат, она што потоа ќе следи не е само воено техничка подготовка и одредени легално правни обрски, туку пред се и значително зголемување на буџетските средства за одбрана на ниво на 2% од БДП. Ваквото зголемување на буџетот за одбрана ке биде сериозно финансиско оптоварување, особено кога Македонија се соочува со големи економско-социјални проблеми. Повеќе за финансиското оптоварување од интеграцијата во НАТО може да прочитате во колумната на Здравко Савески насловена како „Дали навистина ни треба НАТО?“.   

Секако Македонија ниту одблиску не беше главната тема на самитот. Но, од епилогот на истиот може да се констатира дека Македонија, сепак е на истата позиција како и претходно кога на самитот во 2008-та заради истата причина (ветото на Грција) не доби покана. Со таа разлика што овој пат пактот нема да остави да одлучуваме на своја рака туку таа ќе се заложи да го направиме „вистинскиот“ избор нели!

Главната тема на самитот се чини дека беше прашањето околу финансирањето на организацијата. Односно воените буџети кои државите членки треба да ги одвојуваат за финансирање на растечките активности на овој воен пакт. Во таа насока беа и забелешките на претседателот на САД, Доналд Трамп дека финансирањето на НАТО е главно на терет на САД а користа ја има Европа и дека тоа е неправедно пред се кон даночните обврзници на САД и дека оваа ситуација не може да продолжи, скоро ќе мора да биде превземено нешто. Трумп дури отиде дотаму да Германија ја оквалификува како „заробеник“ на Русија поради нивната енергетска соработка, истакнувајки дека за него е неприфатливо Германија да го финансира главниот непријател и државата од кого токму треба НАТО да ја штити Европа. На крај сепак Трамп изразувајки задоволство од тоа дека издејствувал во текот на идната година сите држави членки ќе го зголемат својот финанискси удел во пактот со минимум 2% од БДП-то на својата економија прогласи победа. Тој уште и подвлече дека до 2024 тој процент се очекува да достигне дури 4% од БДП.  

Очигледно дека дебатат околу буџетот на НАТО пактот станува дел од трговските војни својствени за капиталистичките земји во криза. Бунтот на САД по ова прашање, особено упатените забелешки до Германија е само еден од показателите за бессмисленоста на постоењето на овој воен пакт. НАТО, сиве овие изминати години ширејки се ја опколува Русија и наведувајќи ја како главна причина (опасност) за таквиот свој раст но од друга страна, европската најсилна држава членка на НАТО Германија има одлична соработка на енергетски план токму со Русија. Да не зборуваме уште и за воената соработка помеѓу Русија и Турција. После се, уште и ако се споредат потрошените средства во воени сврхи на НАТО кои се 20 пати поголеми од тоа што Русија троши за оваа намена, веднаш станува јасно дека прашањето не е „заштите од Русија“ или пак скраја да е „ширење на демократијата“ туку очигледно е дека се работи за глобална доминација и експлоатација на секаков начин.

Империјалистичкиот сојуз собран во НАТО со изговорот за одржување на стабилноста се арчат парите на народите од своите земји ширум европа и светот. Во реалноста овој сојуз гледаме дека станува сè понестабилен, со што капиталистичкиот систем во реалноста станува уште поопасен. Во оваа насока е и притисокот за зголемување на буџетите за одбрана на поединечните членки на пактот од што корист имаат само монополизираните индустрии за оружје а штета имаат народите кои се држат на раб на воен конфликт и земји кои се комплетно уништени а нивните народи окупирани токму од овој сојуз.  

Притоа, прикривајки го вистинското лице на оваа трансатланска воена организација се обидуваат да не убедат дека НАТО не е (само) воен сојуз туку и политичка алијанса зад која стојат „базични вредности на демократијата“, но очигледно е во случајот со турскиот председател Ердоган тоа не е баш така – НАТО отворено поддржува диктаторски режими.
Повеќе причини за не влегување во НАТО може да најдете во анализата на политичката партија Левица која е единствената АНТИ-НАТО партија во Р. Македонија.