Влез во НАТО на сметка на зголемување на национал- и етно-шовинизмот
Некогаш зборувавме за иредентизам, денес зборуваме за откажување грижа за припадниците на македонските малцинства во соседните земји.
Настрана целата антинационалистичка реторика со која што Заев се обидуваше да ги наслика преговорите за името и евентуалниот влез на Македонија во НАТО, договорот кој што Заев и Ципрас треба да го потпишат периодов ја обврзува државата да го отфрли членот 49 од Уставот на Република Македонија кој предвидува грижа за македонските малцинства во соседните земји на Македонија. Без каква било мистификација на „вредноста“ и „вечноста“ на Уставот, членот 49 стреми да ги спречи државните апарати на соседните земји систематски да ги репресираат поединците од македонската етничка заедница. Иако е далеку од успешен, отстранувањето на ваквиот член дополнително го допушта и легитимизира репресирањето од страна на македонската држава.
Ваквото отфрлање на членот 49 овозможува драстично да се поттикне национал- и етно-шовинизмот. Конкретно, овој член најмногу се однесува на македонското малцинство во Грција, кое што историски било репресирано од самата држава. Но, за „левичарската“ влада на СДСМ, ваквиот ризик е прифатлив доколку е услов за членство во воениот сојуз НАТО. Последиците, како што се можното зголемувањето на репресијата на македонските малцинства, зголемувањето на омразата помеѓу македонските малцинства и грчкото население во грција и зголемувањето на омразата на македонските граѓани и грчките граѓани како одговор на тој етно-шовинизам, очигледно не се од голем интерес за лидерите на двете земји.
Освен отфрлањето на членот 49 од Уставот на РМ, за националноста ќе стои терминот „македонска/граѓанин на Република Северна Македонија“ со забелешка дека граѓаните на земјата не се поврзани со античка Македонија, а Македонскиот јазик ќе е признат, со забелешка дека Северна Македонија признава во договорот дека јазикот е со словенско потекло. Позитивно е раскрснувањето со реакционерните наративи кои ја величат вечноста на нацијата и нејзиното потекло од античко време, кои јасно можеа да се видат на протестите организирани против промена на името поради собирање политички поени, но останува понижувачкиот факт дека името на државата се менува поради уцена, ане поради автентична и изворна воља на граѓаните на државата.
Предвидено е договорот да се ратифкува во Македонскиот парламент, а Македонија да добие покана за членство во НАТО на самитот кој ќе се одржи на 11 јули. Во периодот од јули до декември се најавува референдум, кој доколку не биде успешен, би значело премин на план „Б“ од страна на Владата: организирање на предвремени парламентарни избори.