Ликот на Тереза Меј- во 5 (зло)дела
Политичкото лицемерие во 5-те (зло)дела од ликот на Тереза Меј:
- Заедно со Доналд Трамп и Емануел Макрон, Тереза Mej го предводеше нелегалниот воздушен напад на Сирија на 14 април годинава. Наводниот повод за акцијата беше хемискиот напад на Дума на 7 април 2018 год, во која најмалку 49 цивили загинаа, а за која од страна на загрижената тројка (САД, Франција, Британија) беше обвинета владата на Асад. Многу нелогичности оставија простор за сомнеж. Меѓу нив, зошто Асад би ја поткопувал сопствената позиција на предност во војната во Сирија со хемиски напад кој може само да оди против него?! Зошто сириската (заедно со рускатa) влада упати покана до Организацијата за Забрана на Хемиско Оружје (OPCW) за да прати инспекција која ќе ги утврди фактите поврзани со хемискиот напад која наводно самата таа го организирала? Зошто, доколку загрижената тројка била убедена во вината на владата на Асад за хемискиот напад не почека Инспекцијата да ги утврди фактите, туку ги започна нападите неколку часа пред влезот на инспекцијата на OPCW во Гута. Имено, на само неколку часа пред планираниот влез на Инспекцијата на организацијата, започнаа нападите на загрижената тројка, превенирајќи ја мисијата на Организацијата. Нападите беа опишани, од страна на Џереми Корбин, „правно сомнителни“, а нив ги осудија и две земји членки на Советот на Безбедност на ОН, Кина и Русија.
- Kога сме кај Русија, вреди да се спомене труењето на Сергеј и Јулија Скрипал, во Сализбери, Англија кој послужи како база за Британија да отвори широк фронт против Русија и нејзино демонизирање (што пак би можело да се каже дека и го отвори патот за интервенцијата во Сирија еден месец подоцна). Иако досиејата на безбедносните служби на Британија и САД се далеку од било какви релевантни докази (земајќи го тука во предвид искуството со лажираните извештаји во поддршка на тврдењето дека Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување, што послужи како изговор за започнување на војна против Ирак).
- Тереза Меј е олицетворение на британската империјалистичка интервенционистичка надворешна политика – за што воената интервенција во Сирија е само последниот доказ. Најдобар показател за тоа е непринципиелното/селективното осудување на едни, а охрабрување на други од страна на Британија. Па така гледаме, како на пример при осудата на Асад, (во линија на сличните осудувања на Гадафи и Садам Хусеин), не се проследени со слични осудување на нео-отомански, милитаристички, зионистички режими, и/ли пак режими спонзори на тероризам. Не чуди тоа што Ердоган беше пречекан од страна на Меј на почетокот на неделава- средба која предизвика масовни протести во Лондон, а заврши со тоа што Ердоган затворените новинари ги нарече ‘терористи’. Една од тие т.н терористи на кои реферира Ердоган е и учителката Ајше Челик од Дијарбакр, Турција, којашто во 2016 година по телефон на една Шоу емисија во живо порача „да престанат убиствата врз деца во југоисточните места Сур, Џизре и Нусајбин.“ беше осудена на казна затвор од 1 година и три месеци поради наводно „ширење на терористичка пропаганда“. Моментално таа одлежува затворска казна заедно со нејзиното 6 месечно бебе.
- Во линија на претходното, не чуди тоа што Тереза е блиска другарка со принцот на Саудиска Арабија- Мохамед бин Салман. Два пати од нејзиното стапување на премиерската позиција беше во Саудиска Арабија, а и принцот и дојде во возвратна посета во Лондон на 8 март (ден на кој веројатно нашите либерални феминистки воскликнуваа за напредоците на либералниот феминизам поради постоењето на жена пример како Премиерка на Британија). Позади ова длабоко пријателство помеѓу Тереза и Мохамед се крие договор за продажба на оружје вреден 3,3 милијарди фунти, започнат во март 2015, кога и започна бомбардирањето на Јемен. Безбедносниот шеф на ОН ја опиша ситуацијата на Јемен како слична на апокалипса- предупредувајќи дека земјата може да стане најстрашната хуманитарна криза во минатиот половина век- 8 милиони Јеменци се на раб на гладување, 16 милиони немаат пристап до основна храна и санитација, а повеќе од 1 милион се под епидемија на колера- уште еден светски рекорд.
- И додека надворешната политика на Тереза Меј директно придонесува и овозможува војни кои создаваат милиони бегалци, нејзината политика како Премиер, но и претходно како Министерка за Внатрешни Работи на Британија помеѓу 2010-2016, допринесе кон продлабочување на анти-мигрантските мерки. Дел од нив се разбира е и третманот на македонските граѓани, на кои за британска виза им се наплаќаат 180 евра. Но, уште посимптоматичен е третманот на сириските бегалци, токму во периодот додека Тереза Меј беше Министерка за внатрешни. Имено, до септември 2015 година, вкупниот број на сириски бегалци на кои им бил дозволен влез во Британија беше само 252. Од тогаш, иако се ветуваше дека Британија ќе прифати 23,000 бегалци од Сирија, до 2020, тој број досега е 11,000. Како и да е, и бројката од 23,000 е незначителна имајќи во предвид, дека бројот на сириски бегалци во Германија (400.000 – 600-000, Либан 2,2 милиони,Турција 3,5 милиони). Воедно, ова ја покажува империјалистичката ароганција, која во голема мера потекнува од можноста да креира хуманитарни кризи, но и да се изолира од нејзините последици. Несомнено, во ситуација на нова бегалски бран од Сирија, БиБиСи, како што беше случајот и во 2016 година, вината за третманот врз бегалците, ќе ja насочува врз земјите низ кои бегалците поминуваат- како Македонија, а не врз коренот на нивната сага- војните создадени од криминалниот империјалистички капитализам – чијшто гласен поборник е Тереза Меј, која денес во Скопје беше пречекана со сите почести.