За Саем. За Скопје кое полека го снемува
Група граѓани И САЕМ Е СКОПЈЕ достави до нашата редакција отворено писмо упатено до премиерот Зоран Заев, градоначалниците Шилегов и Георгивски, како и до сопственикот на локацијата на Скопски саем, г-дин Папранику. Во писмото се вели:
Ви се обраќаме со отворено писмо по повод уривањето на Скопскиот саем, кое треба да започне за неколку месеци. Од достапни информации во електронските медиуми, дознавме дека на местото на Скопски саем наесен ќе почне да се гради трговски центар и за таа цел ќе бидат урнати и халите на саемот.
Ви се обраќаме НИЕ, ГРАЃАНИТЕ на овој град, од сите професии и возрасти, претставници на архитектонската фела, членови на семејствата на проектантите на Саемскиот комплекс, пријатели на Скопје, поддржани од низа организации и компании. Сите обединети во крикот да се сочуваат саемските хали како еден од стожерните бранители на идентитетот на постземјотресно Скопје. Како непобитен дел од историјата на македонската архитектура и македонското стопанство.
Ниту една култура, ниту еден сериозен општествен конституент не може да опстојува доколку не го разбере значењето на зборот континуитет. Архитектонската мисла на 20-тиот век ја обележува модерната, која глобално е вреднувана како културна традиција. Во делата на модерната во Скопје се чувствуваат ликовни белези инспирирани од градителската традиција на ова поднебје. Прочистена од декоративност, со совршена функционалност, хумана во својата природа, модерната очигледно живееше во Скопје додека не се посегна по неа со проектот „Скопје 2014“. Со исчезнувањето на Скопскиот саем, ќе исчезне уште една трага на модерното Скопје, кое во чекор ги следеше светските архитектонски текови.
Изграден во 1972 година, како дело на четворица врвни домашни архитекти Димитар Димитров, Живко Гeлевски, Благој Мицевски и Славко Ѓуриќ, Скопскиот саем е распослан на 25.000 квадратни метри, од кои 16.000 се затворен простор во шест саемски хали, функционално и архитектонски обликувани и поврзани во оригинална целина, во духот на периодот на којшто припаѓа, модерната.
Почетоците на функционирањето на Скопскиот саем се поврзани со многу значаен настан за историјата и културата на Скопје, а тоа е одржувањето на Светската шаховска олимпијада, манифестација од највисоко светско ниво, прва (а и последна) од тој вид организирана во нашиот град.
Подоцна, Скопски саем беше дом на исклучителни фестивали, концерти на Боб Дилан, на Крафтверк, Молоко, на Симон Трпчевски…
Халите на Скопскиот саем во текот на 67-годишното постоење беа средиште на бројни саемски манифестации: Саем за мебел, Саем на книгата, Инфоком, Балканска туристичка берза, Саем на градежништво, Модна недела, Вински фестивал… Тука се правеше преглед на развојот на македонската економија, но се следеа и книжевните и културни трендови.
Денес на овој објект му е пресудена егзекуција без притоа да се прашаат ГРАЃАНИТЕ и стручната јавност.
Ние архитектите, градители по вокација, веќе половина година во затворени кругови дебатираме, емотивно се поддржуваме и се обидуваме да создадеме стратегија како да го заштитиме единствениот Саемски комплекс во земјава, кој ги одбројува последните денови на живот. Како да го спречиме натамошното исчезнување на примерите на расната архитектонска практика на постземјотресно Скопје. Овој објект е дел од тој смел проект на постземјотресно Скопје, во кој домашните творци и архитекти ги прифатија сите современи текови во архитектурата и создадоа вредни обрасци, не само за домашната, туку и за светската архитектонска продукција. Тој е дел од таа значајна архитектонска целина во градот и дел од идентитетската рамка во која делува архитектурата како дел од културата.
Ние, децата на проектантите, едноставно не можеме да се помириме со фактот дека културното, историското, професионалното, па и емотивното, како дел од творештвото на нашие татковци, може за секунда да се претвори во прашина и да се заборави. Нашите татковци, Димитар Димитров и Живко Гелевски, можеби тивки, молчаливи, но преполни со оригинални идеи и решенија, тие двајца кои не се двоеја, неразделно заеднички молчеа, заеднички работеа, тивко решаваа во договор и најголемо почитување и другарство, професионално и човечки, кое денес ретко го гледаме околу нас.
Бајо – Благоја Мицевски, добивањето на наградата за животно дело Андреја Дамјанов, го означи со говор во негов стил: „…Големо задоволство ми беше кога еден обичен човек, гледајќи во фотографија од Сајмиштето на ѕидот зад моето биро ме праша: Зошто олку цркви на мала близина? – Да ви кажам нешто, тие павилјони се места за медитација. Тука истражував со формата на кровот, со начинот на продирање на светлината за да се приближам кон таа цел. И уште се приближувам.“
Зошто токму овој објект, со толкаво значење и вткаени траги од знаењето и создавањето на НАШИТЕ претходници, да се урне за да се изгради уште еден трговски центар и деловно-станбени згради во Скопје? Ќе го нема она Скопје кое нам лично ни значи нешто. Повеќето објекти кои ни значат, повеќето простори кои, какви и да биле, сме ги сакале и сакаме да ги паметиме. Тие се дел од колективната меморија.
Убавото време ни ја зголемува неизвесноста околу иднината на просторот на
Скопскиот саем.
Затоа дозволете ни, НИЕ ГРАЃАНИТЕ да бидеме вклучени во донесувањето на вашата конечна одлука. Просторот на Саемот е ваш. Објектите се ваши. Но дозволете ни нашите сеќавања да останат поврзани со таа форма. Не го рушете. Задржете ја уникатната флуктуирачка и повеќенаменска моќ на просторот.
Начинот на кој се планира Саемот да исчезне од градот ѝ штети на иднината и на државата, на неговиот специфичен архитектонски идентитет, идентитет кој исчезнува.
Затоа вам ви се обраќаме. Да ги прифатите нашите причини. Да бидат и ваши причини. За хармонија на градот со нас граѓаните, на градот и содржината на објектите во него, бидејќи судбината на човекот се едначи со судбината на градот.
„Животот е краток, Скопје е вечно“ – Гане Тодоровски
Група граѓани И САЕМ Е СКОПЈЕ
Преземено од Порта3.