АктуелноЛокално

СДСМ создаде прилика Груевски да се покаже себеси како „херој“

Денес, со 64 гласа ЗА, Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го прогласи за изгласан, по втор пат, Законот за јазиците. Џафери одби да се разгледуваат 35 000 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, кои, иако на секого му е јасно дека се во толкав број од малициозни поводи, сепак, се уредно поднесени. Факт што повторно ја демонстрира импотенцијата на либералната демократија. СДСМ, кои во текот на 11-те години додека беа опозиција често имаше забелешки на сметка на кршење на правото и регулативите, сега не изусти ни збор во однос на кршењето на собранискиот деловник. Ниту, пак, се одважи да гласа против таквото кршење, туку, како што е пракса во изминативе 27 години во Македонија, за сите проблеми ја обвини опозицијата.

За време на гласањето, во Собранието изби инцидент помеѓу Никола Груевски и Талат Џафери. Џафери одби да им даде процедурално право на збор на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, по што Груевски се доближи и почна, како во „далечната“ 2005, да ја вади картичката на Претседателот на Собранието. Овие тактики на Груевски не се ништо ново, но беа успешни претходниот пат, кога, во 2006 година, тој за првпат стана премиер. СДСМ и ДУИ, со нивното туркање неуставен закон „на мускули“, сами ја создадоа оваа прилика Груевски да делува како херој во јавноста. Сега Груевски ќе ужива, барем кратко или барем малку, углед на „спасител“ на етничките македонци, онака како што со носењето на овој закон сака Али Ахмети, барем малку или барем за кратко, да ужива улога на „спасител“ на етничките Албанци. А обајцата ги осиромашија и едните и другите. Сега, поради желбата да им угодат на нивниот коалиционен партнер, ДУИ, и со тоа да ја зачуваат власта, СДСМ дозволија зголемување на етно-шовинизмот кај двете најголеми етнички заедници, што е спротивно од „граѓанското општество“ кое ветија дека ќе го градат.

Пред Собранието во тек е протест против носењето на овој закон. Еден од протестирачите посочи дека „во Македонија отсекогаш живееле Македонци, Турци, Власи, Роми, Албанци, Срби… не може да има оваа држава 2 официјални јазика бидејќи не е бинационална, туку мултиетничка“. Добро е да се види дека реториката против овој закон не секогаш е чисто легалистичка или чисто етно-шовинистичка, туку дека има луѓе кои ги сфаќаат политичките импликации од овој закон.