Од името заборавивме дека сме сиромашни
Спорот со името е еден од најурнебесните политички спорови кои оваа земја ги имала. Веќе 27 години, покрај транзицијата, многубројните приватизации, осиромашувањето на народот, 11 годишното криминално водење на државата од ВМРО-ДПМНЕ, во етерот константно виси прашањето за името на државата, идентитетот на нацијата и на македонскиот етникум.
Претходната влада вешто кокетираше со ова прашање. Секогаш кога постоеше некаков проблем или опасност дека ќе бидат симнати од власт, тие се повикуваа на овој спор, полека градејќи идентитет околу митот дека оваа нација е единствен и директен наследник на Александар Македонски. Притоа, тие речиси комплетно ја негираа историјата на словените (за кои субверзивно се ширеа и се уште се шират лаги дека не ни постоеле) и го игнорираа фактот дека концептот на нација не е стар 25 века, туку е прилично модерен и се појавува во последните неколку векови, па не може македонската нација да се смета за „античка“.
Грчките власти го инструментализираа прашањето околу името на сличен начин. Измислувајќи некаков си стремеж на Македонија да ја освои територијата во северна Грција (дел од географскиот регион наречен Македонија, што даде легитимитет на целиот спор), креираа огромна ксенофобија во редовите на грчкото население. Периодов таа ксенофобија изроди протести кои се граничат со нацистички (нешто што и во Македонија се случува, но во многу помала мера). Ова не значи дека сите учесници на протестите имаат намери кои се граничат со нацистички или се нацистички (впрочем, повеќето немаат такви намери).
Секако, промена на име на една држава поради уцена од друга држава е невидено и смешно за воопшто да се дискутира. Но, во двете земји, токму ова прашање секојдневно се врти, ставајќи ги, по којзнае кој пат, националниот и етничкиот идентитет на преден план.
Јасно е дека постои репресија и експлоатација брз база на родови, сексуални, расни, национални, етнички и верски идентитети. Но, во нивното преголемо нагласување, се заборава што е тоа што е заедничко во сите овие видови на репресија и експлоатација: нашата класна позиција на работници. Сите овие репресии се класни, бидејќи само работниците се тие кои се репресирани, без разлика за каква идентитетска репресија станува збор. Жената работничка е таа која што зема минимална плата, не жената газда. Ромот што е отпуштен е тој што одвај преживува, а не ромот што е газда. На крајот на денот, македонските и грчки газди се тие кои посредно профитираат од вакви спорови, а македонските и грчките работници се тие кои губат. Газдата е тој што има избор, работникот е тој што се потчинува, без разлика на нивниот идентитет.
Затоа, додека „името не го даваме“, да не заборавиме на гневот од репресијата врз нас како работници. И да успееме да се избориме против оваа репресија врз база на национален и етнички идентитет, таа еден ден ќе избие на друго место. Работникот си останува работник додека постои газда да го експлоатира, а газдата ќе создава нови идентитети врз чија што основа ќе може од него да извлече поголем профит. А класно репресираниот човек не може да се избори за своите национални и/или културни права. Единствено преку инструментализација на гневот од идентитетските репресии и негово усмерување против класната репресија можат истите тие идентитетски репресии да бидат искоренети.