АктуелноЛокалноСтав

Став на Нина Максимова – Актерка

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Драги филмаџии, режисери, продуценти, кастинг директори, цела филмска индустрија – Здраво, имам неколку нејасни прашања, па кревам два прста. Со години гледаме и слушаме (ние сите како јавност) -информативно- дека се снимаат филмови, дека се завршило снимање, дека се на фестивали (честитки за успешните), дека не знам што. За тоа какви се и зошто се, не се дискутира освен во “фелата” која се сведува на тапшање по рамо, а ретко излегува силна и аргументирана, остра и повеќе од нужна филмска критика. За истите тие филмови кои се снимаат последните неколку години гледаме екипа која се повторува (тук -там по некој нов лик) и која некако магично се вклучува од еден во друг проект. Тоа е се’ во ред и вистина има интересни и специфични лица (почнуваме да зборуваме за актерите) кои *ги сака камерата*. Но, не знам колку имате увид во тоа дека надвор од тие кругови има еден куп дипломирани актери (од најразлични возрасти и профили, секој специфичен и со различен сензибилитет и карактеристики, не изговарам – талент) кои чекаат чекаат чекаат да си ја пробаат среќата и да снимаат нешто. Не знам дали имате увид исто дека еден мал дел се спакувани и не се повеќе во земјава, а другиот дел се на работ на искушението да го направат тоа поради целокупната политичко-економска-културно-социјална ситуација и можноста (?!) што оваа земја му ја дава на еден млад уметник да се изразува. Имам директно прашање: каде се, зошто се и какви се тие тајни заседанија наречени кастинзи? (Јас лично сум била информирана за 4, знам колеги кои не биле на ниту еден). Така да, од тука следува другото прашање – каква е таа херметички затворена (и по малку секташка) дружина во чии раце е историјата и развојот на македонскиот филм? Каков е тој? Има шаблон? Ако е така, тогаш нема никаков развој и станува здодевно и погубно она што се произведува (не затоа што “ние што не работиме” не сме во приказната, туку затоа што едни исти ликови се, и нема логика, филмовите личат едни на други). Па од тука, како да “добиеме пристапница” и како да добиеме шанса да си ја пробаме среќата пред камера, било кога а најмногу сега – додека сме млади и пукаме од енергија и желба за работа? А што е и со повозрасните колеги кои се извонредни а исклучени од истата приказна поради нејасни причини? Како заедно да го создаваме патот на современиот филм и да дискутираме за новите идеи и теми, за играта, за длабочината на уметничката визија, за оригиналниот визуелен израз, за новите наративи и решенија? Ние за тоа не дискутираме. Ние дури и криеме дека се снимило нешто.

Прашувам во мое име и во име на моите колеги а многу сме, наречете не’ како сакате, ама ете имаме диплома, па си мислиме…што да правиме со неа.

Благодарам.