АктуелноЛокално

ДДВ, прогресивни даноци, повишување акцизи… речиси левичарски мерки!

После 27 години спроведување на реакционерни економски политики, во последните година дена конечно дознавме како е Македонија да биде водена од Влада која се преставува како економски прогресивна. Уште во предизборната кампања, СДСМ се профилираше како различна и реформирана партија од онаа која пред 11 години беше предводник на приватизацијата на јавните добра во државата. Вети многу мерки насочени кон подобрување на економската состојба на обичниот човек, истоштениот работник, огорчениот студент. Од зголемување на минималната и просечната плата, па се до „пофер“ даноци, во најава беше пристигнувањето на нова, прогресивна и левичарска Влада.

После пристигнувањето на власт, дојде време за остварување на ветувањата. Секако, како што одамна е реалноста во Македонија и низ светот, Владата е сервилна на крупниот капитал. Причините се одамна јасни за настанувањето на овој феномен. Настрана митото, корупцијата и уцените, партиите во Македонија и пошироко и легално зависат од крупниот капитал, бидејќи од таму и тие ги добиваат средствата со кои располагаат за време на предизборните кампањи (доволно е да се видат гломазните суми фрлени на маркетинг за да се согледа дека тие пари не пристигнале од донации од работници) и надвор од нив. Таквата сервилност, очекувано, резултираше во регресивни економски мерки, кои беа спроведени/се најавија дека ќе се спроведат под маската на левичарската економска прогресивност.

Три мерки се истакнаа периодов: најавата за ново прогресивно даночење, обврзувањето на физички лица да плаќаат ДДВ и повишувањето на акцизата на дизелот.

Уште од самата предизборна кампања на СДСМ, не беше сосема јасно каква даночна политика се навестува. „Пофер“ данок може да значи многу работи, зависно од тоа што една индивидуа смета дека е фер. После некое време, се утврди дека под „пофер“ данок спаѓал прогресивниот персонален данок, но не и прогресивниот данок на добивка. Така, после новите даночни реформи, работниците ќе имаат прогресивна даночна стапка на својот приход, а компаниите ќе плаќаат рамен данок на своите добивки, резултирајќи со повисока даночна стапка на оние кои земаат плати од 1500 евра месечно, од приватните компании кои остваруваат милионски профити.

Со обврзувањето на физичките лица да плаќаат ДДВ се продолжува да се спроведува слична даночна реформа: избегнување да се даночи крупниот капитал во Македонија. Мерката е многу слична на многу десничарски економски мерки кои самата ВМРО-ДПМНЕ ги спроведуваше. Добар показател за тоа е и фактот што овој закон прв пат се најавува во 1999, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога Никола Груевски беше министер за финансии.

Повишувањето, пак, на акцизата за дизелот беше доста критикувана во јавноста и веќе станува излишно да се зборува за неа. Доволно е да се напомене дека оваа мерка, како и претходните две, навлегува во прераспределба на богатството од работниците кон работниците, а не од газдите кон работниците, како што би требало да изгледа една прогресивна даночна мерка.

Заедничко за овие мерки е токму тоа што изгледаат левичарски и прогресивно, но во суштина се далеку од тоа. Сите тие се правдаат со празните флоскули „треба сите заедно да допринесеме, за на сите да ни биде подобро“, „пофер е побогатите да плаќаат повеќе од посиромашните“ и сл. Но, вистината е дека не треба сите да допринесеме, бидејќи не сите имаме исти приходи. Зарем таксистот, што се мачи да сврзе крај со крај, треба да придонесе плаќајќи повишена акциза на дизел? Или пак работникот кој заработува 1500 евра месечно треба да допринесе со поголема даночна стапка од приватна компанија која во минута прави многукратно повисок профит од тоа?

И токму овде се гледа процепот помеѓу прогресивните левичарски политики и политиките на новата Влада. Автентичната левица низ светот се труди да ги направи луѓето подеднакво богати. Нашата Влада, со формално прогресивни мерки и под маска на левичарство, упорно сака да не направи подеднакво сиромашни. Речиси левичарски од нејзина страна!