Старо ново руво

Денес низ медиумите започна да се шири веста дека од СДСМ ќе се слеат 125.000 евра во Сител за пропагандни цели. Една од најголемите „прорежимски“ телевизии го смени рувото и започна да ја рекламира партијата што со години ја плукаше, исто како што претходно тоа го правеше со нејзиниот најголем опонент, ВМРО-ДПМНЕ.

Реакциите на ова, како и на повеќето збиднувања во последно време, доколку не доаѓаат од симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, генерално можат да се категоризираат во две групи. Првите реагираат позитивно, славејќи го крајот на „груевистичката“ пропаганда на Сител. Дел од нив (посебно симпатизерите на СДСМ) слават уште една победа на СДСМ над ВМРО-ДПМНЕ – после победата на парламентарните и на локалните избори, крајот на лојалноста на Сител кон сегашната опозиција е само цреша на шлагот. Вторите, кои бараат објективност во медиумите, реагираат негативно, очекувајќи Сител да стане сервилен кон СДСМ како што некогаш беше кон ВМРО-ДПМНЕ. Тие најчесто коментираат за неетичноста на одлуката на Сител да „ја смени страната“ или за опасноста СДСМ да го користи медиумот за исти цели како и претходната власт.

Пред се, симпатизерите на СДСМ се во право – оваа промена е показател на големата победа на СДСМ над ВМРО-ДПМНЕ. И тие, објективните, се во право – одлуката на Сител не е етичка и најверојатно СДСМ ќе го користи медиумот на сличен начин како што ВМРО-ДПМНЕ го користеше. И тука, впрочем, се наметнува важното прашање: дали треба да се очекува етичност во носењето одлуки од страна на Сител и СДСМ?

Одлуките на Сител, како приватна телевизија, во голема мера се диктирани од динамиката на пазарната економија. Со ова, целта не е да се даде апологија на одлуката на Сител, туку напротив, да се укаже дека етичките одлуки ретко можат да се очекуваат од приватните компании. Етиката во пазарната економија е секогаш на второ место, барем кај успешните компании, бидејќи за една компанија да опстои, таа мора акцентот да го стави на профитот. Етичката одлука, во оваа ситуација, би значело одбивање на 125.000 евра, пари кои понатаму СДСМ би ги понудиле на други приватни телевизии, правејќи ги повлијателни од Сител, бидејќи токму тие ќе можат да вработат повеќе новинари, да понудат попривлечна (и поскапа) културна програма, да известуваат поажурно и сл. Потегот на Сител е комплетно очекуван во оваа ситуација, со сета своја неетичност.

Одлуката на СДСМ е исто така неетична, но далеку од неочекувана во моделот на либералната демократија. Повторно, ова не е апологија на СДСМ, туку напротив, указ дека од партиите кои учествуваат во либералната демократија, ретко може да се очекува носење на етички одлуки, бидејќи воспоставените нејзини механизми, во голема мера, ги диктираат одлуките кои партиите ги носат. Паралелата продолжува повеќе од очигледно: ако СДСМ не ги платат Сител, тоа ќе го стори ВМРО-ДПМНЕ. А дали СДСМ може да си дозволи да живее во медиумски мрак? Одговорот е јасно дека е негативен, бидејќи очигледно е дека маркетингот е една од најважните работи во политичките кампањи на партиите, за што сведочат сумите кои истите ги трошат во предизборните кампањи. Сител станува инструментализиран за остварување на политичките цели на СДСМ, како што претходно ВМРО-ДПМНЕ го инструментализираше за неговите (и како што, пред 11 години, СДСМ го инструментализираше за неговите).

Останува само да се заклучи дека ова најново случување е далеку од неочекувано и дека баш спротивното би било изненадувачки. Да очекуваме дека сите приватни компании или партии ќе започнат да се однесуваат етички сами по себе, без менување на природата на пазарната економија и либералната демократија или без воспоставување на одредени системски механизми кои ќе ја разрешат оваа затворска дилема, е наивно во најмала рака. Бидејќи СДСМ засега не делуваат дека ќе преземат нешто такво, на нас ни останува јавно да го критикуваме овој потег и да го имаме на ум за друг пат.