АктуелноИнтернационалноПревод

Околу протестите во Иран

Протестите во Иран кои ги зафатија насловните страници на сите буржоаски весници и предизвикаа амбасадорката на САД во ООН да изјави дека „се под лупа“ поради кршење на „човекови права“ мора да ги разбереме во нивниот соодветен контекст низ призмата на борбата на различните класи во Иран, а не низ призмата на борба за „демократија“ и „човекови права“.

Во 1953, под диригентската палка на ЦИА, во Иран е извршен државен удар против популарната и демократски избрана национално-буржоаска влада на Мохамед Мосадик. Откако тој беше насилно симнат од власт, САД инсталираше марионетска влада во Иран на чело со шахот Реза Пахлави како апсолутен монарх. Со ова почна репресијата врз политички партии, посебно левичарските, која трае до ден денес. Иран беше отворена за странски финансиски капитал и се претвори во полу-колонија на САД. Иран стана регионален полицаец на кој САД може да се потпре за контролирање на регионот и стана сојузник на Израел. Во 1971 разни сили почнаа да влегуваат во вооружени судари со силите на монархијата. Меѓу поистакнатите беа Марксист-Ленинистите Федаини и секуларните Исламски Муџахедини (МИН). Освен овие две групи, друга група што се истакна е Исламистичката група предводена од шиитскиот клерик. Во револуцијата од 1979 токму оваа група успеа да преземе контрола врз масите и да дојде на власт. Така почна Исламската Република Иран која до денес постои.

Денес Иран е капиталистичка држава, каде свештенството работи во корист на разните сегменти од капиталистичката класа. Левичарските партии се репресирани и политичката слобода е скоро непостоечка. Иако некои слободи се дозволени, како правото на протест, Исламската Република има контрола врз интернетот и медиумите. Сегашните протести се резултат на незадоволството на граѓаните на Иран поради зголемувањето на цените на основните продукти како јајцата, живината и горивото. Исто така, новиот предлог буџет планира да ги намали субвенциите за горивата. Понатаму, владата на Рохани планира да ги намали средствата што сиромашните семејства ги добиваат од владата, мерка која е популарна кај скоро 90% од населението. Ова предизвика да се појават протести во периферијата кои полека навлегоа во градовите и беа подржани од студенти и работници.

Барањата на демонстрантите на почетокот беа главно од економска природа: поголема контрола на цените, помала невработеност, поголеми субвенции за основни потреби. Но, дел од демонстрантите повикуваа на рушење на целиот исламски режим, ставајќи ја во прашање структурата на власта. Друг дел, пак, повикуваа на враќање на монархијата. Помеѓу слоганите на реакцонерите имаше повици за намалување на средствата за Палестина, Либан и Сирија.

Империјалистичките медиуми највеќе се фокусираа на вториот дел бидејќи им дозволува да го пропагираат наративот за промена на режим. Доналд Трамп и целиот буржоаски медиумски апарат воспеваа „човекови права“ и „демократија“ и како на демонстрантите треба да им се дозволи мирно да протестираат за рушење на режимот. Вешто како и секогаш, буржоаските медиуми користат слики од протести во други држави, како Бахреин и Египет, тврдејќи дека се од протестите во Иран. Дури отидоа до таму да користат слики од про-владини собири прикажувајќи ги како дел од протестите. CNN и BBC штанцуваат извештај по извештај за тоа како на народот во Иран му е смачено од власта и како Исламската Република насилно ги сузбива протестите. Иако, во дел од случаите, обвинувањата за сузбивање се точни, овие случаи се екстремно преувеличени, сè со една цел: да се сруши сегашната власт и да се донесе уште по реакционерна власт што ќе дозволи странски финансиски капитал да го експлоатира Иран. Човек не треба многу да се потруди за да се сети како се масите третирани во САД за време на протести против полициски убиства на цивили и да го увиди лицемерието на овие прикриени изјави за демократија и правото на протест, а уште помалку за човекови права и слободи.

Сепак, не може да се одрече дека помеѓу масите постои вистинско незадоволство против условите за живот и Исламската Република, иако дел од населението се сепак про-владино настроени и ја подржуваат Исламската Револуција. Повеќе изјави од Тудех Партијата на Иран, долгопостоечка Марксистичко-Ленинистичка партија која е сузбивана и во времето на шахот и за време на Исламската Република, ги повторуваат анти-владините и економските барања и дека тие мораат да бидат засилени без движењето да биде преземено од страна на реакционерните сили. Моментално протестите кои се појавија спонтано се без лидерство. Но, Тудех Партијата повика на обединет анти-диктаторски фронт за следните цели:
– Отфрлање на режимот на Врховното Раководство и владеењето на свештенството и ставање крај на деспотскиот режим

– Безусловно веднаш да се ослободат сите политички затвореници

– Ставање крај на сиромаштијата, маргинализацијата, високите цени, економските тегоби, корупцијата и опресијата на владејачкиот режим

– Ставање крај на атмосферата на репресија и сузбивање и враќање на сите репресивни сили во нивните гарнизони

– Преоден период за воспоставување на национален и демократски режим и народот да си ја определи сопствената судбина

Сепак, тие повеќе пати го истакнуваат значењето на тоа да се одбијат лажните симпатии на Трамп и Нетанјаху. Од очигледни причини, сегашните протести не смее да се претворат во протест организиран од странски сили. Бидејќи, ако Израел и САД успеат во уривање на оваа реакционерна влада, тие ќе постават друга реакционерна влада која не само што би ги продолжила репресивните мерки на Исламската Република, туку на тоа би ја додала и експлоатацијата на Иран од странските империјалистички сили преку финансискиот капитал.

Задачата на социјалистите и прогресивните елементи надвор од Иран е не само да ги разберат овие услови туку и да ги едуцираат другите и да работат против империјалистичка интервенција во Иран. Во меѓувреме, шовинизмот и демагогијата околу „човековите права“ и „демократијата“ од страна на буржоаските водачи и буржоаските медиуми мораат да бидат ставени под лупа, критикувани, исмевани за да се разоткрие лицемерието на империјалистичката буржоазија. САД, ОК, Германија – овие империјалистички држави, заедно со ООН и други, не смеат да бидат сојузници на револуционерните сили во Иран. Судбината на Иран лежи во рацете на нејзиниот народ и тој народ има право на самоопределување: без разлика дали е тоа само освојување на отстапки од нивната власт, уривање на таа власт за да се воспостави буржоаска демократска република или воспоставување на социјалистичка република.

Извор: Socialist Musings

Превод: Гораст Муратовски