Секуларноста, уште една чиста формалност

Божиќните празници се период во годината во кој нивото на секуларноста на државата полесно се проценува од вообичаено. Годинава, нажалост, уште еднаш се покажа дека тоа ниво воопшто не се зголемува.

Само краток поглед врз најпознатите агрегатори на вести е доволен за да се добие впечаток дека дневната политика во Македонија е запрена, а фокусот е префрлен на верските обичаи кои политичарите ги практикуваат. Додека пратениците, премиерот и претседателот се на мисија да покажат кој е поголем христијанин, порталите и весниците „на големо“ известуваат кај кого се паднала паричката и кој која црква ја посетил. Бизарноста годинава кулминираше со бадникарската поворка која се организираше низ центарот на Скопје, на која беа присутни огромен број на малолетни деца, а беше подржана од страна на повеќе политичари на високи функции. Еден од ретките кои одбија да го вмешаат државниот апарат во вакви религиски обреди е градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, чија што локална самоуправа изјави: „Но, поаѓајќи од уставната секуларност и Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски практицираат хабитус, којшто не се храни со популистички манири. Традицијата треба да се култивира, а не да се примитивизира. Згора, верските традиции ги остава на МПЦ како институција, и на граѓаните кои што во своите домови, во интимна атмосфера со најблиските ќе го изберат најдобриот начин како ќе ги чествуваат овие христијанските празници и како ќе ги практицираат обичаите.“

Секуларноста не е прашање на тоа дали постои бог или кој бог постои. Таа не диктира на луѓето во што да веруваат или да не веруваат, не им забранува да ги практикуваат обредите според нивните убедувања. Секуларноста е многу поедноставен концепт кој се стреми да го ослободи државниот апарат од спрегите на организираната религија и индивидуалното верување од спрегите на државниот апарат. Едноставно речено, државата и политиката не се мешаат во религијата, а религијата не се меша во државата и политиката.

Но, во Македонија, ситуацијата е далеку поинаква. Религијата е често орудие со кое се манипулираат чувствата на поединците за да се добијат политички поени, па без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ се на власт, дали се во коалиција со ДУИ или се во коалиција со ДУИ, сите се во трка да покажат кој е поголем верник. Личните религиски верувања се уште се речиси подеднакво важни како и политичките позиции на народните избраници и дур тие продолжуваат да манипулираат на ваков начин, оваа ситуација споро ќе се менува.

Најважно е што, како што етничкиот национализам во Македонија води кон ксенофобија, така и пренагласените религиски убедувања водат кон маргинализација на групите кои не се дел од доминантната религија, што директно ја ограничува слободата на верските убедувања на индивидуата. Дополнително, во Македонија, етничката припадноста и религијата се тесно поврзани, па опасноста од системска репресија на маргинализираните етнички и верски групи дотолку ја зголемува потребата од секуларност. Омразата помеѓу различните етникуми не смее да биде поттикнувана, а најмалку од страна на религијата. Без високо ниво на секуларност, ние дозволуваме државниот апарат и политичарите на најпоган начин да го прават токму тоа.

Недостатокот на секуларност не е карактеристика само на Македонија, туку таа е светски проблем против кој многумина се борат. Се надеваме дека во блиска иднина ќе имаме прогрес на ова поле и дека ќе дочекаме Божиќ без да бидеме преплавени со информациите за тоа дали на Заев му се паднала паричката.