Долу империјализмот!
Посетата на Макрон на Буркина Фасо ,кој е познат по деградирачките коментари во кои вели дека проблемот на Африка е цивилизациски, не помина мирно и без бурни реакции од населението. „Долу империјализмот“ и „француските трупи да излезат од Буркина Фасо“ извикуваа демонстрантите предводени од страна на група студенти пред универзитетот на кој францускиот претседател држеше говор. Демонстрантите беа нападнати од полицијата, како што е најчесто и случајот кога група на луѓе протестираат против војни, па беа избркани со солзавец.
Тензиите предизвикани од посетата на Макрон започнаа поодамна, а веќе неколку часа пред неговото пристигнување француските трупи во Буркина Фасо беа нападнати со рачна граната. Конвојот на француската делегација беше нападнат со камења, а наоколу беа поставувани барикади и бодликави жици. Самиот говор на Макрон не доби позитивни реакции и беше извикан како „патерналистички“ и „срамен“ по социјалните мрежи.
Францускиот претседател изјави дека „некогаш му се обраќаат како да е сè уште колонијализатор“, препишувајќи ги проблемите во државата на претседателот Каборе, кој, во тој момент, го напушти говорот. На прашањата околу големото присуство на француски трупи во Буркина Фасо Макрон изреволтирано одговори дека „тие [жителите на Буркина Фасо] на француските војници им должат аплауз“, продолжувајќи со низа на обвинувања во кои, за црните пазари во Либија, одговорноста ја препиша на африканското население. Притоа, тој избегна да коментира за инволвираноста на Франција, како член на НАТО, во дестабилизацијата на состојбата во Либија и за влијанието кое една таква воена интервенција го имала врз создавањето на тие црни пазари.
Макрон, во духот на поранешните француски претседатели, продолжува да ја занемарува вината на француската држава за политичката и економската состојба на своите, формално, „бивши“ африкански колонии. Интересот на Франција е сè уште преголем во овие земји и Макрон најверојатно ќе продолжи да дава игнорантни изјави и говори, сè со цел да ги избегне прашањата околу вистинската природа на надворешната политика на Франција, за која „долу империјализмот“ е соодветната реакција.