БиблиотекаПревод

Праведна надница за праведен работен ден – Фридрих Енгелс

Ова беше мотото на англиското работничко движење во последните 50 години. Добро послужи во времето на раздвижувањето на синдикатите по укинувањето на злогласните закони за здружување од 1824 година; уште подобро послужи во времето на славното чартистичко движење, кога англиските работници маршираа на чело на европската работничка класа. Но, времињата се менуваат и многу работи што биле пожелни и нужни пред 50, па дури и пред 30 години, сега се застарени и би биле целосно несоодветни. Дали старата, зачувана девиза исто така припаѓа помеѓу нив?

Праведна надница за праведен работен ден? Но, што е праведна надница, а што праведен работен ден? Како ги одредуваат законите, под кои постои современото општество? За да одговориме на тоа, не смееме да се повикуваме на науката за морал или право и правда, ниту на било какви сентиментални чувства за хуманост или милосрдие. Она што по закон е праведно, дури кога е и морално праведно, може да биде далеку од тоа да биде и општествено праведно. За социјалната праведност или неправедност се одлучува само врз основа на една единствена наука – наука која се занимава со материјалните факти во производството и размената, науката за политичката економија.

Што тогаш според политичката економија се нарекува праведна надница и праведен работен ден? Едноставно висината на надницата и траењето и интензитетот на дневниот труд, кои се одредуваат со конкуренција на претприемачот и работникот на слободниот пазар. А што се тие ако се одредуваат така?

Праведна надница е, под нормални услови, сумата потребна работникот да си осигура средства за опстанок, кои му се потребни, во склад со животниот стандард на луѓето од неговата положба и неговата земја, да ја одржи својата работна способност и продолжувањето на својот вид. Вистинската висина на надницата може, веќе според колебањата на деловниот процес, да биде понекогаш под ова ниво; под нормални услови, пак, оваа висина би требало да претставува просек на сите колебања на надницата.

Праведен работен ден е она траење на работниот ден и оној интензитет на трудот при кој работникот може да ја троши сета работна сила еден ден, не загрозувајќи ја својата способност идниот ден и наредните денови да даде иста количина труд.

Процесот може да се опише вака: работникот му дава на капиталистот полна работна сила еден ден, то ест толку колку што може да пружи, а да не го доведе во прашање непрекинатото повторување на процесот. Во размената добива точно онолку колку што е потребно за повторување на процесот секој ден. Работникот дава најмногу, а капиталистот најмалку, што допушта природата на договорот. Тоа е многу чуден вид на размена.

Но да ја погледнеме работата малку подлабоко. Бидејќи според политичката економија и надницата и работното време се одредуваат со конкуренцијата, праведно би било да се бара и двете странки под еднакви услови да имаат еднакви појдовни точки. Меѓутоа, тоа не е случај. Ако капиталистот не може да се договори со работникот, тој може да си дозволи и да чека и живее од она што го има – од својот капитал. Работникот не го може тоа. Тој за живеење ја има само својата надница и затоа мора да прифати работа во секое време, на секое место и под сите услови што му се поставуваат. Па сепак е тоа, според политичката економија на капиталистичката класа, кулминација на праведноста.

Но тоа е само ситница. Примената на механичка енергија и машини во новите индустриски гранки и ширењето и усовршувањето на машините во индустриските гранки каде тие се пробиле, сè повеќе ги потискаат „рацете“ од нивните работни места; и тоа се одвива со поголема брзина отколку што фабриките во земјата успеваат да примат и вработат „раце“ кои веќе станале вишок. Овие вишок „раце“ претставуваат права индустриска резервна армија на располагање на капиталот. Кога производството не оди, тие може да гладуваат, просат, крадат или да отидат во работни домови; а кога производството ќе тргне, тие се при рака за зголемување на производството; и сè додека и последниот маж, последната жена и последното дете не се вработат – што се случува само во време на претерано производство – дотогаш конкуренцијата на оваа резервна армија ќе ја држи надницата на ниско ниво и со своето едноставно постоење ќе ја зголемува моќта на капиталот во неговата борба против работникот. Во натпреварот со капиталот работниците не само што се во неповолна положба, туку мораат на нозе да влечат и оков тежок како топовско ѓуле. Меѓутоа, според политичката економија на капиталистите и тоа е – праведност.

Но да испитаме од кој фонд капиталот ги плаќа тие толку премногу праведни надници. Се разбира, од капиталот. Но капиталот не произведува никаква вредност. Трудот е, покрај земјата, единствен извор на богатство; самиот капитал не е ништо друго освен натрупан труд. Од тоа следува дека работничката надница се плаќа од трудот и дека работникот добива надоместок од својот сопствен труд. Во склад со она што се нарекува праведност платата на работникот би морала да се состои од производите на неговиот труд. Меѓутоа, според политичката економија тоа не би било праведно. Спротивно, производот на трудот оди во џебот на капиталистот, а работникот од тоа не добива ништо освен мизерни средства за преживување. И резултат на оваа необична „праведна“ конкурентска борба испаѓа така да производот на трудот на оние кои работат се натрупува неизбежно во рацете на оние кои не работат и во нивни раце станува најмоќно средство за поробување точно на оние луѓе кои го создале.

Праведна надница за праведен работен ден! Би имало уште многу што да се каже и за праведниот работен ден чија праведност точно е соодветна на праведноста на надницата. Но тоа мора да го оставиме за друга прилика. Од изложеното се гледа јасно дека старата девиза се променила и тешко може да опстане во денешно време. Праведноста на политичката економија, онаа што во стварноста ги одредува законите што владеат со денешното општество, таа праведност целата се наоѓа само на една страна – на страната на капиталот. Затоа закопајте ја засекогаш старата девиза и заменете ја со друга:

Сопственик на средствата за производство – суровините, фабриките и машините – треба да биде самиот работен народ.

Извор: “The Labour Standard” Nr. 1, May 7th, 1881

Превод: Лазар Гогов