1312
На 25 ноември, сабота, во 3 часот по полноќ, во рок барот „Браво“ полициските сили извршиле упад за време на свирка. Специјалците, петнаесетина на број, кои биле вооружени и во целосна опрема, без никаква причина ги претресувале и вознемириле гостите на „Браво“. Ова не е прва ваква постапка од страна на полицијата во македонските локали по промената на власта, ниту пак некарактеристичен потег за СДСМ во минатото. Сепак, „Браво“ е омилениот локал на редакцискиот тим на Антропол, па овој немил настан беше иницијална каписла за да дадеме општ коментар на полициската бруталност.
Настанот во „Браво“ е далеку од најстрашниот кога се работи за полициска бруталнст во Македонија. Кога мислиме на екстремна полициска бруталност, не може да не помислиме на единицата „Алфи“. Јавна тајна за оваа единица е дека е составена претежно од поранешни робијаши и маалски багабонти и дека стои над секој закон или правилник за однесување. Секој што се „одважил“ да се движи доцна навечер низ градскиот парк, или пак низ други места кои, според „Алфите“, се потенцијално полни со корисници на марихуана, најверојатно имал средба со овие џукели. Ако постарите случајно не те предупредиле да не се буниш, целосно да соработуваш и да молчиш или, пак, не ги послушаш ваквите предупредувања, казната е јасна – ќотек и преноќување во станица. Се разбира, со целосна бескорисност на секаква жалба до државните органи.
Иако оваа единица е најостриот дел на полицијата (иронично, составена од најтапите „луѓе“), таа не е единствениот проблематичен сегмент на полициските сили. Всушност, како што сугерира насловот, целата полиција е со проблематична природа.
Полицијата не е случајно ваква каква што е. Сегашната полиција е само продолжение на традицијата започната, барем на овие простори, уште со отоманската „жандарма“. Како што тогаш таа ги штити интересите на беговите, така денес ги штити инересите на газдите. Задачата на полицијата да спречува неправда и криминал врз обичниот човек е модерен изум, но не е воопшто приоритет на модерната полиција, туку служи само како пи-ар алатка. Ова е очигледно преку однесувањето на полициските службеници.
Иако цитатот не соодвествува совршено на нашиот контекст, поради тоа што ниту едните протести беа револуционерни (и покрај претенциозноста на името), ниту другите беа нацистички (и покрај опасната ксенофобична реторика), сепак, доволно добро ја опишува ситуацијата во Македонија. Движењата, па колку и да се екстремистички, кои ѝ одговараат на власта, во најмала рака, се толерирани, додека оние кои не одговараат, дури и кога не се посебно радикални, се насилно сузбивани. И ова остава трага врз поединечниот полицицаец. Таа трага е навика на насилна послушност кон било која власт.
Ваквата природа воопшо не зависи од карактерот на поединечниот џандар. Не се само „неколку трули јаболки“ во прашање, како што некои поединци или организации (од наивни или малициозни причини) тврдат. Има примери, во Македонија и надвор од неа, за полицајци кои се на кордон за време на протест, додека од другата страна има нивни пријатели, блиски или членови на семејството. Сепак, можноста да удрат по близок (или по сограѓанин) не го одврати полициското насилство, на пример, на 5 мај. Полицајците знаат дека ако одбијат наредба, тоа ќе донесе последици врз нив, последици кои можат да бидат погубни по нивната материјална егзистенција.
Слично, па и полошо, е кога станува збор за пријавување од страна на полицаец за незаконски дејности на колегите како корупција и кршење законски или уставни права. Тука поединечниот полицаец не се соочува со закана од легални последици, туку од нелегални. Резултатот на „кодошењето“ може да биде насилство, повреда, па дури и смрт. Негова или на некој близок.
Од последново не треба да заклучиме дека треба да имаме некакви симпатии кон „маката“ на полицијата, ниту, пак, да им го простиме објаснувањето. Напротив, треба да ни е јасна суровата вистина дека во полицијата, како целокупна сила, обичниот човек нема сојузник, туку противник. Треба и да ни е јасно дека само коренита промена на општествениот поредок ќе ги излечи овие болести.