Инфлација на знаењето

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


„Тоа што недостасува во знаењето на денешниот свет е суштината на знењето за природата на нештата“
Frithjof Schuon

Еден од базичните симптоми за социјалната, па и општата културна атрофија на одредена цивилизација е губењето на знаењето за содржината на самата (нејзина) култура и особено непостоењето на свест за суштината на знаењето инкорпорирано во нејзините прокламирани вредности дури и во свеста на своите чувари и промотори. За овој процес на декаденција особено сведочи последниот период на ултра [ре]продукција на знаењето во општествените дисциплини, проблем кој особено е истакнат и во Македонија. Со оглед на ова, во овој процес концептите и поимите продолжуваат да постојат единствено благодарение на стихијната инерција при нивниот материјален пренос на самото тоа знаење. А пак свеста на преносителите и промоторите на истото ова знаење е далеку од познанието за содржинското (читај суштинско) значење на пренесеното знаење.

Ваквата појава на губење во значењата за содржината на знаењето несвесно предизвикува контрамерки при обид за негово практицирање и аплицирање. Притоа мора да се забележи дека овој период на декаденција го карактеризираат извонредни интелекуални напори насочени кон надворешна пенетрација во значењето на содржината од корпусот знаење на самата култура. Но залудно! Сите овие жестоки и широки дебати за значењето само го акцелерираат процесот на оддалечување од суштината на поимите и создаваат уште поголема магла во значењата на поимите и концептите со кои се оперира при овој процес. Веќе неколку генерации интелектуалци заборавија дека тие се должни да бидат интелектот на обичните па наместо тоа, тие зад ѕидините на сопствените академии постанаа обични и безлични во сопствениот интелект. Ваквите страсти за херменевтика само придонесуваат за ширење и забрзување на интелектуалната декаденција, затоа што во овој процес целата енергија потребна за креација се исцрпува на интерпретација.

Како што Виготски (еден од втемелувачите на марксистичката психологија) во врска со основните концепции за проблемите на свеста и знаењето ќе забележи дека идеите како такви од дамнешно, скоро како да престанале да езгистираат вистински во стварноста. Затоа што тие на почетокот, при нивната појава, орбитираат околу двата пола на мислата – идеализмот и материјализмот, кои пак кореспондираат со двата пола на општествените позиции на двете основни класи. Тие пак се во меѓусебна борба односно судир. Идејата, својата социјална природа вушност многу полесно ја открива како филозофски одколку како научен факт. И дотука е нејзинитот досег каде завршува нејзината улога како идеја – таа е демаскирана како во нејзнината улога како скриен иделошки агенс облечен во руво на научен факт, и така почнува да учествува во отворената борба на идеи. Но токму тука, таа (идејата) како мала точка во огромниот опус на идеи, исчезнува како капка дожд во океан и престанува да постои независно и засебно.

Накратко, еден општ/генерален заклучок ако треба да се извлече од погоре начнатите проблеми во хаосот на знаењето очигледно би бил тоа дека инфлацијата на информаци(ите)јата предизвика дефлација на самата мисла а одтаму и дифузност и неред во знаењето.

Хактан Реџеп Исмаил