АктуелноЛокално

Регресивните мерки на прогресивната политика

Власта, и локалната и централната, во периодот по локалните избори најави некои мерки за кои имаше мешани реакции во јавноста, па дури и без разлика на партиската припадност. Мерките се најавени, и на двете нивоа на власт, како нужни за „полнење“ на буџетските „дупки“ во државната и општинските каси.

Прво, очигледно е дека овие дупки постојат. Без разлика што ние мислиме за долговите на Македонија и нејзините општини (дали се оправдани или не, дали се големи или не, од каде потекнуваат), тие постојат. Па, ајде да се сложиме, барем за сега, со владеачката коалиција, дека долгот е голем и нужно мора да се превземат мерки за зголемување на буџетските средства.

Кои се првите мерки што власта ги најави? И, уште поважно, какви се?

Оставајќи настрана проблемот што потенцијално непопуларните мерки се најавени тек по изборите, кога „работата е завршена“, тие се и несоодветни на ветувањата и реториката во предизбријата. Секој кој ќе ги спореди ветувањата на СДСМ пред изборите и мерките најавени по нив ќе наиде на контрадикција. Слоганот на СДСМ и коалицијата и на парламентарните и на локалните избори беше „Живот за сите“. Убав слоган, но што значи? Главното објаснување за тоа што значи живот за сите од економскиот аспект (значи, тргајќи ги другите настрана) беше „парите кај граѓаните“. Со други зборови: ставање крај на процесот на префрлање пари од сиромашните кон богатите и негово, барем благо, превртување. Нормално е тогаш обичниот човек да очекува мерки кои би почнале со префрлање пари од богатите кон сиромашните.

Тука мора да обрнеме внимание на малку економски термини. Имено кога станува збор за давачки/даноци кон власта (без разлика дали централна или локална) постојат 3 типа на даноци: регресивни, рамни и прогресивни.

Рамните даноци или рамните давачки се оние за кои сите, без разлика на економската ситуација, плаќаат ист процент од приходите. Во Македонија таков е персоналниот данок на доход (ПДД) кој знесува 10% и за најсиромашниот и за најбогатиот човек во државата.

Прогресивние даноци се раѓаат како идеја да се воведе поправичен даночен систем. Кога се даночат работите прогресивно, процентот кој го плаќаат најбогатите е далеку поголем од оној кој го плаќаат најсиромашните. Секако важи само ако данокот е „вистински“ прогресивен. Постоењето на повеќе од една даночна категорија само по себе не е прогресивно. Доколку разликата во даночните проценти не е голема, пример ако има две категории со 10 и 15 проценти, тоа не е некој прогресивен данок, освен формално.

Најстрашни, за мнозинството од граѓаните, се регресивните даноци. Овие даноци имаат фиксен износ (сума), кој не зависи дури ни процентуално од приходите или имотот на луѓето. Пример за регресивни давачки се сообраќајните казни. Тие изнесуваат иста парична сума за сите, што за некои е далеку поголем дел од домашниот буџет од што е за други.

Зошто е ова важно? Бидејќи во предизборниот период СДСМ ветуваа мерки од вториот тип, а сега најавуваат од третиот!

Зголемување на акцизата за дизелот за 3 денари од литар и покачувањето на цената на водата, на централно ниво, и поскапување на паркингот во Скопје  и Центар се мерки кои повеќе ќе ги погодат сиромашните граѓани од богатите. Дополнително, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најави дека планира да го забранува возењето на постари автомобили. Не само што ова очигледно е дека најмногу ќе ги погоди сиромашните, а не богатите туку како мотив за ваквото постапување, наместо воведување на „пар-непар“ системот тој посочи дека „[мерката] е неправична бидејќи има нови возила кои имаат парна регистрација и многу стари кои имаат непарна“. Во самата изјава се наѕира идејата да се реши проблемот така што многу повеќе (или дури целосно) товарот на решавањето да падне кон послабите, наместо, како што ветуваа, на (економски) посилните. Така да, тешко е да се замисли дека е само превид тоа што поскапувањето на дизелот најмногу ќе ги погоди земјоделците кои го користат во поголеми размери а, огромното мнозинство од нив, се далеку од најбогатите слоеви на општеството. Зголемувањето на цената на дизелот секако ќе значи и зголем трошок за транспорт на било кој производ што, повторно, значи покачување на цените. На министерот за финансии Тевдовски можеби ова поскапување нема да му направи сериозен проблем во домашниот буџет, но повеќето наши сограѓани ја немаат неговата среќа.

Како (засега) последна контрадикција во изјавите на новата власт се оние за транспарентност и дебата. Прво се пофалија дека ова е прв пат ваквите мерки да се кажуваат јавно и со време, а потоа министерот изјави медиумите да не зборуваат за мерката бидејќи не се стручни. Дури и да не беше ваквата несреќна изјава останува фактот дека дури и да се дозволи да се искаже јавното мислење целосно, доколку остане само на правото јавноста да биде ислушана, а не и послушана, нема вистинска јавна дебата и нема вистинска транспарентност. Како што, барем засега, нема вистински прогресивни мерки.