Национализација на БЕГ: нужност, а не можност

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Ако во минатото Македонецот плaќал арач на локалниот бег, денес тој плаќа на приватиот БЕГ. Балкан Енерџи Груп (БЕГ) е компанијата која од 2012 па навака е задолжена за производство, снабдување и диструбуција на топлинска енергија во Скопје и е во приватна сопственост.

Национализацијата на БЕГ е нужна од два аспекта.

Првиот аспект е социјалната правда/праведливоста. Кога парите, а со тоа и профитот, од платените сметки не би оделе во рацете на еден или грст луѓе, парното греење би можело да се финансира преку даноци (комуналии) на граѓаните. Со ова се избегнува бремето што одредени семејства го поднесуваат бидејќи немаат доволно средства да ги подмират сметките за парно. Не смееме да дозволиме ниедно дете да мрзне преку цела зима бидејќи ја немало таа среќа да се роди во поинакво семејство. Дури и да сметате спротивно, т.е. дека таквата ситуација е по заслуга, останува фактот дека, во таков случај, овие луѓе ќе мораат да користат алтернативни методи за греење кои повеќе загадуваат. Дополнително, кога ова претпријатие би било во државна, наместо во приватна сопственост, се губи мотивот за профит, што има двоен ефект: ем просечните цени би биле пониски, ем било каква модернизација што ќе го подобри процесот би значела повеќе средства за инвестирање во градот, наместо – како сега – повеќе средства на приватни банкарски сметки.

Вториот е демократијата. За сите кои ја следат политичката состојба во Македонија изминатиов период, барем малку е очигледно дека дури и врз една „инаетлива“ Влада може да се изврши политички притисок. Партиите сакаат да го добијат вашиот глас, па, во најлош случај, се барем малку подложни на притисок. Било каква масовна желба за промена во начинот на снабдувањето со топлина, порано или подоцна, би морала да биде услишена. Тоа не важи кај приватните сопственици. Тие не излегуваат на избори и не им е гајле дали ги сакате или мразите. Сè додека БЕГ е единствен носител или, пак, има најниска цена, мнозинството од граѓаните немаат друг избор освен да ја користат нивната услуга. Не може со директен протест против сопственикот да го натераме ниту да ги снижи цените, ниту да воведе повисоки еколошки стандарди. Секако, секој притисок и секој протест за промена досега бил против власта – локалната или централната. Ако сакаме да имаме демократска контрола врз овој важен сектор, немаме друг избор освен да се залагаме за национализација на БЕГ.