АктуелноИнтервјуЛокално

Интервју со професорката Гордана Силјановска-Давкова

Нема дилеми во тоа дека капитализмот, како глобален економски модел, е во постојани кризи и турбуленции. Во последниве неколку децении овие кризи кои, рефлектирајќи се како материјална оскудност, предизвикаа огромни кратења на средствата за социјална сигурност кои државата редовно ги сервисираше кон општеството. Со трендовите на приватизација и одземена одговорност на државата од многу улоги претходно својствени за неа, нејзините институции, како и целиот политички систем конструиран по принципите на демократијата, како да влегуваат во криза. Околу кризата на демократијата и нејзината корелација со капитализмот и дилемите околу, упативме прашања до Професорката Гордана Силјановска-Давкова, интервју кое ви го претставуваме со восхит и огромно задоволство.

За односот помеѓу политичката култура на граѓаните и формата на владеење во заедницата која тие ја сочинуваат – односно, каква е политичката култура на македонските граѓани?  Со оглед на тоа што нашето општество е етнички поделено, дали политичката култура е иста кај сите етнички заедници?

Во 80-те години „воскреснаа“ институционалистите, преценувајќи ја улогата и значењето на државните институции за политичкиот систем. Денес, со право се проблематизира и оспорува научната вредност на класификацијата на моделите на владеење на : парламентарен, претседателски и мешовит (комбиниран) систем. Уставно-правната рамка на организацијата на власта  не ретко наликува на нормативна поезија, наспроти драмата на реалниот (со)живот на законадавната, извршната и судска власт. Исти институции различно функционираат, во зависност од политичката географија, (не)демократската традиција, моделот на политичка култура, цивилното општество, изборниот и партискиот систем, медиумите…. Еве неколку примери во прилог на ваквото  тврдење. И Обединетото кралство (Велика Британија и Северна Ирска) и Индија, според моделот на владеење,  припаѓаат на парламентарнот систем, ама разликата меѓу нив е огромна . Индиското општество, како кастински , мултиетнички и мултиконфесионален мозаик е врамено во едно од најсложените федеративни  уредувања, а карактерот на индискиот политички систем е детерминиран од автохтониот коктел на парохијална, патријахална и поданичка политичка култура. Парламентарниот  систем на Велика Британија пак, иако трансформиран во  кабинетски, па и премиерски, е обликуван со помош на   партиципативна политичка култура, чиј modus vivendi e граѓанинот. Британскиот колонизатор и ги „ подари“/остави на Индија своите институции, правен систем, па и јазик, но не можеше да ја „ пресади“ на индиска почва својата политичка култура, со оглед на оригиналната историска традиција и социјализација.

Еве друг пример: Руската федерација и државите произлезени од СССР, формално правно имаат мешовит систем на владеење од француски тип, но, во стварноста живеат во /со президенцијализам и „републикански монархизам“, под влијание на царистичката традиција и големодржавието, кои, по Октомвриската револуција беа плодна почва за тоталитарни и авторитарни изданоци, како : „ленинизaм“, „сталинизaм“, „путинизaм“.

Или , трет пример:  Американскиот претседателски систем доживеа(л) правна и институционална рецепција во Латинска Америка, но de facto таму функционира(л) како  каудиљизам.   

Или …. трансплантираната „либерална демократија“ на Блискиот и Далечниот исток, под превезот на   „романтичните“ синтагми „Арапска пролет“ и „човекови права“… кои не завршија како кај Вивалди, туку како во Бетовеновата Деветта симфонија, соочени со злата од отворената Пандорината кутија : расни, етнички, верски и јазични судири, екстремизам, што доведе до бегалски егзодус.. Потонаа во Хантингтоновиот трет бран на „демократијата“ …… колабирани, слаби и пропаднати држави(failed states), de jure и/или de facto протекторати, шокирани (Наоми Клајн) од мерките на Фридмановата доктрина и „подготвени“ за уставен и социјален инжењеринг. Демократскиот дострел? Не можете да пресадите европски либерален систем на исламско тло.  Резултат? Можеби  изразот “terra incognita” е најсоодветен за Сирија или за Авганистан….или.. ?!

             

Каде сме ние, како дел од новата гео-политичката креација „ Западен Балкан“, како периферија на периферијата? Западно-европските очи во нас гледаа(т) Ахилова пета, буре барут, простор „склон“ кон бескрајна фрагментација (балканизација), линија на огнот!! Балканот не може да се пофали со демократска традиција, зошто носи тешко бреме на тоталитарно и авторитарно наследство, кое пак,  го јакнее етнонационализмот, усмерен кон етничка хомогенизација во конфронтација со „другиот“ и „ инаквиот“.  Тоталитаризмот и авторитаризмот се пречки за конституирање на (пост)модерни, нормални европски држави на Западен Балкан. Тие се вкоренети во патријахалното општество, во кое жената му е подредена на мажот, децата на pater familias и на возрасните, индивидуата на колективитетот и на носителите на политичката моќ, партиските членови на лидерот (патронот, султанот),  политичката елита на  меѓународната заедница. Авторитарниот поредок му оневозможува на поединецот да биде граѓанин кој се бори за своите права, деградирајќи го на квази граѓанин кој го жртвува своето его заради националниот и колективен интерес.  Деперсонализираниот граѓанин бега од слободата, не прави личен избор, ниту превзема сопствена одговорност.  Интелектуалците не знаат или премолчуваат дека етносот, како предмодерен и предграѓански ентитет, оформен во предграѓански амбиент , нема потреба од конституционализам , ниту од устав како lex superior и општествен договор на еднакви и рамноправни индивидуи (во Русоова смисла), како втемелувачки акт на владеењето на правото, односно на правната држава, На оваа линија, професорот по Уставно право на Универзитетот од Лајпциг, Един Шарчевиќ ќе напише: „Ако БиХ не добие нормален устав во кој ќе пишува дека индивидуалните права се граница за колективните, односно дека вториве не може да се користат на штета на првите , таа никогаш нема да стане правна држава!! На  оваа линија е и пресудата во случајот Сејдиќ и Финци vs БиХ, според која еден Ром( Сејдиќ)  и Финци (Евреин) , кои за жал, не припаѓаат на т.н „ конститутивни народи“ и повеќекратно се дискриминирани.  

Ние на Балканот,  влеговме во демократската транзиција еволутивно неподготвени, како “ lupus in fabula”: со уништена економија, пауперизирана средна класа, социјално и идеолошки невтемелени , односно “catch all” партии, што би рекол Кирхајмер, со тајкуни збогатени на Глембаевски начин во првобитната акумулација на капиталот, односно приватизацијата… во амбиент на етнички, верски и јазично комплициран и контрадикторен хабитус, обременет со силни елементи на парохијална,  патријахална и поданичка политичка култура, со елементи на макијавелизам и језуитизам.  Се потврди Токвиловиот постулат за врзаноста на стариот режим со (не)квалитетот на промените, а „ титоизмот“ се отелотвори низ карикатурални цезаристички и бонапартистички ликови,  без знаење и професионално искуство, некомпетентни, без дигнитет и интегритет. Во услови на конституционализиран рамковен модел на консоцијација, процесот на одлучување се дислоцира од институциите во лидерите на сегментите кои прераснаа во балкански конзули со енормна моќ  и минорна одговорност. Се прашувам: која е улогата на изборите и на парламентот, ако некои лидери на партиите ниту сме ги виделе во него, ниту чуле од собраниската говорница? Наместо политики (policies) се креира етно-партиска политика (politics), која нема потреба од Веберов профил на државна и јавна администрација, со рационална административна култура,  туку од медиокритетска, политизирана и партизирана административна класа, лојална на патронот, наместо на законот. Се разбира, таа не може да биде мотор на реформите, туку нивна пречка и кочница.  Доминацијата на две закрвени до истребување партии во овој четврт век,  во кој имаше персонални, но не и суштински промени, заради отсуството на внатрепартиска демократија, пракса на предизборно коалицирање од прагматични и лукративни, а не од идеолошки причини, постизборните коалиции со некоја/некои од албански партии, како обид за мешање вода и масло, заради идеолошките антиномии, опседнатоста со етнички прашање и етнизацијата/примордијализацијата на политиката, преферирањето на Rule of Man, наместо Rule of Law, кризата на лидерство, односно отсуството на постмодерни политичари-визионери и реформатори, партитократијата во која партиите на власт  господарат не само со јавниот туку и со нашиот приватен живот, неавтентичното и во голема мерка меркантилизирано цивилно општество, неискрената и прагматична меѓународна заедница која не беше невин актер во крвавата ЈУ драма, зошто немаше јасна стратегија за регионот, везден доцнеше со акцијата, посегаше по „ морков и стап“ во стимулирањето терапевтска и диригирана демократија во која си додели улога на  state builder, а граѓаните на регионот и Р. Македонија ги третира(ше) како stake holders(Chandler)!!                      
  

Дали и колку може да се инсталира демократско владеење во политичка заедница во која членовите која ја сочинуваат истата немаат соодветна политичка култура за демократско владеење?

Демократијата, како и љубовта се учи, со макотрпно и посветено вежбање. Демократската политичка култура се гради и менува спонтано, низ партиципација. Но, демократија без демос нема,  а демосот е политичка заедница на индивидуи, на граѓани. Етнократијата не е модел на демократија. Кај консоцијативната, односно консенсуалната демократија, како power sharing систем,  постои реална опасност од нејзино жртвување во името на мирот во куќата, па уцените и пазарењето се дел од договорниот политички брак.  Се заборава дека консоцијацијата се перцепира како привремен модел, односно модел од нужда, кој што треба да се замени со либерален кога ќе се надмине опасноста од конфликт и поделба (примерот со Холандија ). Но, таа не е волшебен, повеќе теоретски, одошто практичен изум за секаков амбиент. Нејзините промотори и бранители (Липхарт, Елџи, Линдер) посочуваат некои предуслови за нејзина функционалност / успех, како : да нема доминантен сегмент (расен, етнички, јазичен), односно да има најмалку три, а најмногу пет  сегменти со еднаква и непроменлива големина и сила;  лидерите на сегментите да се поумерени од припадниците; лојалноста  кон државата да е поголема од онаа кон сегментот; да постои традиција на преговори; покрај расцепите да постојат и вкрстувања (социјален статус, религија..); надворешната опасност да биде заедничка за сите сегменти; земјата да е мала;  да постои консенсус за моделот…  Освен тоа, не смее да се заборави дека моделот на консенсуална демократија е најскап и најспор!!

Ги препознаваме ли овие предуслови во Република Македонија : да,  мала земја сме. Ама, ние повеќе личиме на Кипар, Нигерија или Либан, одошто на Белгија или Швајцарија, иако сме во Европа.  Згора, ние бевме во една федерација која се распадна, а примериве говорат за  една јазична федерација и друга, со векови градена федерација, настаната преку здружување на кантони. Обете настанале по принципот нација –демос. На Балканот,  сите држави, вклучувајќи ја и АСНОМ- ска Македонија, настанале во 19 и 20 век, по германскиот модел на нација-етнос.  Најнеповолен амбиент за консоцијална демократија, според нејзините пламени промотори е би-националната држава, односно егзистенцијата на два сегменти со различна и променлива моќ, заради редовната zero sum game со добитници и губитници.   

Веќе реков дека , во отсуство на демос и партципативна граѓанска политичка култура, а во присуство на етнос и патријахално-поданичка политичка култура, парламентарната демократија се деформира во етно-партитократија, па дури и во конзулски систем во кој процесот на одлучување е ексклузивен и вониституционален, одговорноста замаглена и релативизирана, ресурсите персонализирани, институциите-слаби и маргинализирани, а етно-партиските лидери – сакрализирани!!

Се разбира, сликата е непотполна без цивилното општество, а тоа е комплексен модел, кој што, покрај фундаменталниот однос кон државата, вклучува и релации кон : политиката, економијата, медиумите, културата.  Како категорија на англо-саксонската и европската политичка филозофија од 18 и 19 век, развивана во 20-от, цивилното општество се манифестираше како моќен инструмент на отпор кон патријахалната политичка култура: во 1960 години во Јапан;  во 1970-те и 1980-те во Шпанија, Португалија и Латинска Америка во битката со милитаристичките, авторитарните и тоталитарните режими; во 1970 и 1980 во Централна и Источна Европа, како дисидентски отпор кон комунистичките режими;  во 1990-те, во Централна и Источна, но и во Западна Европа во однос на кризата на модерната држава и репрезентативна демократија, против војната, за еколошка заштита и како феминистички бунт,  а по 2008 година…ширум светот, против корпоративниот капитал и држава, воените интервенции на Блискиот и Далечниот исток, ексклузивното управување, загрозувањето на човековата средина…

И ние имавме студентски протести, Шарена револуција, протести за заштита на Македонија….. И…. лидери и видни активисти на влијателни невладини организации  влегоа во власта, некои станаа  пратеници, други министри, трети – советници, порпароли….. со што се  покренуваат  многу прашања и раѓаат дилеми за отвореноста на партиите за непартиски личности или за партиско-непратиско и/ли владино-невладино сијамско близнаштво!?       

Со оглед на тоа дека, за разлика од денешните мислители, ставовите за демократијата се прилично сомничави на двајцата философи од антиката, кои и на некој начин може да се сметаат за темел на европската мисла, – „власт на неспособните“ (Платон) и „Власт на обичните маси“ (Аристотел) – има ли простор за сомневање и критика во оваа форма на владеење со политичките заедници?

Сведоци сме на континуирана криза на репрезентативната демократија, особено видлива по 2008 година. Истата е предмет на критичка анализа во многу дела. Некои од нив имаат радикални наслови како „Раѓањето и смртта на демократијата“ на Џон Кин и „Митот на демократијата“ од Карстен и Бекман. Се покажа дека тезата на Френсис Фукујама за тримфалната победа на либералната демократија, како крај на историјата е нова догма, доколку се замижува пред нејзиниот дефицит во однос на слободата и еднаквоста, кои не секогаш одат со неа. Современата демократија има сериозен проблем со солидарноста, зошто ја продлабочува нееднаквоста и стимулира конфликт меѓу различните општествени слоеви, промовира неконтролирана потрошувачка и зголемена репресија на власта. Па, неодамна, еден ваш активист, мирно протесирајќи против НАТО манифестацијата пред Триумфалната капија беше легитимиран со лисици на раката, а луѓе од правнички профил со добар вид „ не видоа кршење на законот“ и побараа да се испита „евентуалното“ пречекорување на овластувањата! Да продолжам:јавната потрошувачка и задолжувањата растат, но во функција на непроизводствени цели. Бројот на маргинализираните се зголемува, а животниот стандард не се подобрува. Доминира песимизмот и стравот за иднината. Ако на анкетите на ЕВРОСТАТ европските граѓани и даваат предност на безбедноста пред слободата, се отвора неконтрилиран рај за владетелите.  Истово важи за Патриотскиот акт во САД.   

Денеска се прави дистинкција помеѓу формална и суштинска вредност на демократијата.  Дали и во која мера може да се направи дистинкција помеѓу формалниот и суштинскиот аспект на демократијата; Каде се пресекуваат тие и дали одреден аспект има/би можел да има предност во однос на запоставувањето на другиот.

Веќе укажав дека тоните документи, конвенции, декларации, за формално-правната еднаквост се политичка поезија за слободите и правата, институциите и процедурите… наспроти растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните, Северот и Југот, старите и новите членки на ЕУ,  исламот и христијанството, но и другите монотеистички религии (Хантингтон). Демократскиот дефицит е очигледен на сите нивоа : локално, национално, европско, светско. Расте бројот на губитниците, кои стануваат статистика, во однос на добитниците, како ексклузивно малцинство. Политичкиот систем на најголемиот број земји, во духот на неолиберализмот е преостра пирамида, на чиј врв има помалку од 10 % привилегирани богови и полубогови, како на Олипм,  чија златна средина (Аристотел) е разнебитена, а чие дно е  претрупано… Ларпурлартизам е да зборувате за човекови права, кога ви е загрозена егзистенцијата.  

Ако репрезентативната демократија потонала во криза, зошто  репрезентите се претставуваат себеси или елитите, а не граѓаните, ако партиите, одамна не се  „ мост“ меѓу граѓаните и избраните, зошто не ги адресираат нивните, туку своите интереси, мора да се соочиме со болната вистина и да трагаме по нови форми на партиципација, да ја  реафирмираме идејата за локална самоуправа и децентрализација, да ја практикуваме директната демократија, да посегнеме по лимитирање на мандатите на пратеничките и министерските функции, за да и ставиме крај на ротирачката политичка вртелешка, да ги прошириме случаите на инкомпатибилност на функциите, во либертаријански дух да обзнануваме дека ние сме единствени сопственици на самите себе и дека само ние може да одлучуваме за своето тело, живот и труд, наместо да се жртвуваме за колективи од било каков вид.  

Крајно време е да го ставиме под лупа многу концепти меѓу кои и оној за „ народ“, зошто ако зборуваме за збир на индивидуи, тогаш тие имаат свои лични потреби и интереси, па тешко е да зборуваме за власт на народот.  Еден холандски комичар луцидно забележал: секое утро се изненадувам кога ќе прочитам во весниците што сакам!  

Кризата турка кон катарза, кон промисла и преиспитување на старите и  кон потрага по нови концепти на заедништво (заедница на автономни субјекти, автономија на локалната заедница, автономија на личноста…. Нема „совршени“ и „ вечни“ концепти на демократија, зошто таа не е религија што не смее да се критикува во името на слободата, правичноста, еднаквоста и мирот со кои е закитена /овенчана и тогаш,  кога ги нема. Човечки е да се има дилеми. Ги имам и јас : дали навистина резултатот од изборите зависи од мојот глас ? Дали ние навистина влијаеме врз донесувањето на партиските и политички одлуки кога јавно изразуваме став или учестуваме во дебата ? Зарем не сме се откажале од слободата да носиме одлуки кои што се однесуваат на нашиот живот кога сме им го „ пренеле“ суверенитетот на носителите на власта? Зошто немаме механизми за санкционирање на заборавените и/или неисполнети изборни ветувања до новите избори? Зарем не е подобро, на пример,  во образованието, ние : учителите, учениците и родителите да одлучуваме  за него наместо државата? Или, зошто граѓаните на референдум да не бидат прашани за „ хуманитарните интеревенции“ или за буџетот, особено  со помош на  Интернет можностите?  

Треба да си ја преиспитаме апсолутната верба во „ демократската држава“ која не секогаш е Атина со маслиново гранче, ами почесто е Марс…  Често пати се тврди дека низа одлуки бараат  експертско знаење, но не сметам дека политичарите  се поумни или поморални од од избирачите. Ако политиката, како што смета Ласвел се врти околу прашањата: кој, кога и како добива, јасно е дека политичарите се повеќе свртени кон лоби и бизнис интересите, одошто кон гласачите. Политичката класа е „ посебен с(л)ој“ кој не губи дури и кога ќе ги изгуби изборите, зошто продолжува удобно да живее од политиката.  

Да укажам и на сериозните дилеми околу категориите „мнозинство“ и „ малцинство“ од аспект на „правилноста“ на одлуките зад кои стои квантитет, но не и квалитет и етика! Да не говорам за управувањето со „ државниот“ и „ јавен“ имот, како со свој. Зарем не завршуваат најчесто грантовите,  субвенциите, па и наградите кај „своите“. Ваквиот систем ги стимулира паразитството, клиентелизмот, spoils system-от, корупцијата и криминалот,  послушноста, слугувањето, медиокритетството, па и политичката дебилизација.      

Поделбата на власта како стредство за контрола (checks and balances) – колку овој концепт на баланс помеѓу различните власти во една политичка заедница денес функционира?

Рамнотежата е опасно пореметена во корист на егзекутивата. Замрачени се  звездените мигови на парламентарната демократија, парламентот е место за хорско партиско пеење по  владини ноти, пратениците не се народни политички учители, туку партиски портпароли. Ова важи дури и за колевката на парламентаризмот – Британија! Британскиот кабинет ја приграбил не само извршната, туку и законодавната власт, а премиерот од luna inter stellas minores( месечина меѓу малите звезди) станал политичко сонце, а некои велат и Амон Ра!! И отаде Ламанш, во Франција, претседателите наликуваат на републикански монарси…  САД се посебна приказна, роман –река, од фаза на конгресно владеење, преку судократија до президенцијализам, од типот на „ бушизам“, „ обамизам“, „трампизам“….. како политичка маска за интересите на моќните лоби групи, чии промотори, бранители и извршители се само номиналните носители на звучни титули.     

Кој елемент на современото општествено живеење е најголема пречка за дисбалансот на различните видови власти во еден политички систем?  

Соочени сме со институционален и правен илузионизам. Институциите се форма и сцена, а актерите и одлуките се вонинституционални. Веќе одговорив на ова прашање понапред.

Дали македонскиот политички систем има недемократски елементи? Ако да, кои би можеле да се наведат како такви?  

За жал, Македонија е слаба и недовршена држава, а неколку пати беше  на работ да стане пропадната држава. Кризата на претставничката демократија за која говорев погоре е не само присутна, туку и дополнително комплицирана на Западен Балкан, заради отсуството на демократска традиција, хетерогеноста, гео-политиката и статусот на (квази)протекторати.  Всушност, нашиот маратон кон демократија  не е праволиниски, туку ту напред – назад движење, ту „ лет во место“, па ту сме качени на Ноевиот чун, ту на Титаник.

Феноменологијата на „ македонската демократија“ ја објаснив во одговорот на првото прашање.  Уште нешто ќе акцентирам. Реков дека умот и акцијата треба да ги насочиме кон нови форми на активна партиципација во креирањето политики и одлучувањето на сите нивоа. Но, најпрво да ја провериме уставната и законска рамка. Да провериме дали имаме вистински систем на поделба на власта, дали имаме мехинизми за ефикасна и функционална Влада, или гаранции за референдум, граѓанска иницијатива и собири на граѓани како можен демократски лек? Ако за задолжителен референдум се потребни 150 000 потписи, ако за предлагање закон се потребни 10 000 потписи, ако кандидирањето независни кандидати за градоначалници, советници, пратеници и претседател на државата бара Сизифовски напор, ако за успех на референдум се бара не само релативно мнозинство, како секаде, ами и излезност на мнозинството од запишаните, јасно е дека „нашите претставници“ сакале да го исклучат народот од демократијата, односно да ја присвојата за себе. Кога по Шарената револуција се случи Пржино, очекував револуционерна невладина бура  со барање за решавање на горливите проблеми во Собранието, со учество на сите парламентарни партии, очекував крик за негово отворање и за вонпарламентарните партии и за невладиниот сектор, заради докажаната политичка импотентност на актуелните политичари, очекував public hearing во кој ќе учествуваат и експерти, радикална постреволуционерна дебата, ама …. чув молк, тишина среде нелегално и нелегитимно одлучување на четири партиски лидери – конзули со странска медијација!! Пораката беше: повикувај на Rule of Law, практикувај Rule of Man! Деновиве очекував широка дебата за еден контаверзен, неуставен закон со правно трагикомичен наслов: Закон за јазици!!! Се чудев, се чудев и кога ми покажаа покана за една комисиска  расправа за Законот за јазици, напишана на македонски, албански и англиски,  „ми се разјасни“не само  фамозниот наслов, туку и европското знаменце на законот. Па, чуму ни е расправа, ако испраќачот веќе одлучил?   

 

Ве учев дека локалната самоуправа е постара од државата, дека во неа полесно вирее и цвета демократијата (Токвил) зошто локалната власт е поблиска до граѓаните, дека  граѓаните полесно се идентификуваат со локалната заедница, одошто со државата, дека локалните проблеми се решаваат таму каде што се раѓаат, а не во центарот, дека….. Во услови на криза на репрезентативната демократија,  еден од лековите може да биде дцентрализацијата, локалната самоуправа, а особено формите на директната  демократија. Ама….  да не беа референдумиве низ Источна Македонија, не ќе знаевме дека постојат!! Оној за Трговскиот центар не успеа, заради „ недоволниот одзив“, непознат услов во компартивното право во кое референдумот е успешен ако „ за“ гласале мнозинството од излезените. Ако локалната самоуправа е демократска категорија,  зошто градоначалниците на Центар и Скопје не распишаа референдум за „ Скопје – 2014“ за да не прашаат нас, граѓаните,  во каков град сакаме да живееме“, ами ги втурнаа иницијаторите на оваа идеја во процедуралниот лавиринт? Ама, да не заборавиме дека имаше уште еден неуспешен референдум, оној од 2004 година кога речиси 500 000 граѓани рекоа „не“ за новата, октроирана територијална поделба, но референдумот беше неуспешен заради пониска излезност од 50% од запишаните. За парадоксалното законско решение доволно говори коментарот на еден експерт од Групата на независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа: во Словенија, тоа би бил фантастичен резултат, зошто кај нас се бара само мнозинство од излезените!   

Да повторам: демократијата се учи со вежбање, ама…. на колку собири на граѓани и граѓански иницијативи сме учествувале вие и јас? Кој побарал измена на крајно лимитирачките законски услови за референдум? Знаете ли дека, спротивно на уставот, постои законска забрана за референдум за прашања за кои се одлучува со т.н Бадентерово мнозинство? Ја прочитал ли некој од ДИК одредбата од Законот за локална самоуправа, според која : „жители на општината се  само оние граѓани кои имаат постојано живелиште во неа“, што значи дека само тие може да гласаат и да се кандидираат на локални избори. Не мислите ли дека деталните урбанистички планови би требало да се потврдуваат на референдум?