Зошто треба да го заштитиме Скопје 2014?
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Скопје 2014 треба да стане продуктивна основа за реконтекстуализација на градот, поттик за критика, развој и за можна креативна ретроактивна логика на градот. Затоа сите фасади, сите згради, сите мостови, сите канделабри, сите скулптури, сите балустради, сите палми, треба да се видат и на друг начин, да станат повод за креативно преобмислување на градот.
Скопје 2014 се појави ненадејно, со еден видео спот со приказ на идната градска слика и со музичка подлога која даваше епски интензитет на тогаш нереалната претстава за градот. Па дури и кога почнаa да се остваруваат некои од сликите од спотот, за многумина тоа беше неверојатно. Систематичноста на остварувањето кое следеше не затекна, во одбивањето и недовербата кон процесот кој беше во тек. Па сепак и пред визијата на видео спотот, тој беше навестуван со поединечните проекти, со апсурдноста на барањата и со доследната насоченост во изборот на проектите. Тој за многумина можеше и да е прифатлив во своето инсистирање на анахроничната слика на градот, дури допадлив, ако во еден момент не ескалираше како единствен можен ексклузивен изглед на градот. Тој во ништо не беше различен од општиот вкус во текот на деведесеттите, од носталгичнато чувство за градот кое долго време се градеше, само што одеше чекор понатаму во својата доследност и исклучивост. Тој беше „надградена и проширена“ верзија на уште тогаш исклучивоста на главниот ток на архитектурата и градот.
Од Скопје 2014 до Скопје како проект
Скопје 2014 може да се критикува по низа основи, на просторен, програмски, естетски, симболички план. Несомнено, предизвика одредени просторни деформации со неартикулираното згуснување на изграденото. Исто така, предизвика критика или подбив со примената на историските референци и модели. Може да предизвика реакција и да провоцира со симболичкиот слој кој го проектира. А можат да се проблематизираат и уметничките дострели на архитектурата и скулптурите. И уште повеќе, во својата последна фаза се покажа како деструктивен фактор во однос на претходната архитектура на градот. Насилно посегна по идентитетот и целовитоста на архитектонските дела од претходниот период. Со нескриена жестина сакаше да ги поништи сите траги од дотогашното македонско архитектонско творештво на дваесеттиот век. Сето тоа го чини еден многу посебен феномен коj не може едноставно да се избрише, вербално да се поништи или заборави.
Скопје 2014 не е архитектонска појава, зад видео-приказната никогаш не видовме архитектонско-урбанистички проект кој го објаснува градот и на архитектонски јазик го потврдува. Тој попрво се состоеше од низа поединечни зафати кои се впишуваа во сукцесивните парцијални промени на деталните планови за централното подрачје. Тоа го потврдува и недостатокот како на комплексните, интегрални урбани теми така и на малите поетички градски места и со тоа сведување на градот на собирање и изложување на скулптури и фасади.
Па сепак, тој донесе една специфичност на Скопје, наративност, комуникативност, еден вид „популизам“, патетичност помешана со панаѓур. Ја донесе амбивалентноста на новото доба, архитектурата на „тоталитаризмот“ помешана со консумеризмот, претенциозноста помешана со градот како тематски парк, „уметноста“ помешана со бизнис. Скопје 2014 може да стане проект само a posteriori, од после, тоа „после“ може да отпочне со постепено критичко присвојување на Скопје 2014. Скопје 2014 може да стане проект само преку проект, кој ќе се разликува од Скопје 2014 со тоа што ќе тргне од постојното, од Скопје 2014, и со тоа што нема да го негира Скопје 2014.
Креативно преобмислување на градот
Постојат повеќе причини зошто треба да се заштити Скопје 2014.
Прво, не треба да паднеме во замката која не втурнува во спиралата на континуирано себепоништување, да се занимаваме со едно исто, а најмалку да повикуваме на деструкција и да уживаме во неа. Спротивното, сигурно ќе има економски, но и социјални и психолошки последици врз граѓаните.
Второ, треба да го избегнеме методот со кој се користеше Скопје 2014, да поништува се што е друго.
Трето, Скопје 2014 е уникална појава и како таква треба да остане како еден слој од биографијата на градот, во која градот ќе биде сфатен како плуралистички мозаик на можните градови во градот.
Четврто, Скопје 2014 треба да стане продуктивна основа за реконтекстуализација на градот, поттик како за критика така и за развој и за можна креативна ретроактивна логика на градот.
Затоа сите фасади, сите згради, сите мостови, сите канделабри, сите скулптури, сите балустради, сите палми, треба да се видат и на друг начин, да станат повод за креативно преобмислување на градот. Некогаш не е потребен радикален зафат, но потребно е на нов начин да се видат постојните нешта. Треба на нов начин да го видиме Скопје 2014, не како политички памфлет, не како тоталитарен детерминизам во просторот, туку како изграден факт кој можностите на употреба ги добива од оние кои го употребуваат, благородноста од оној кој е во него.
Амнестија на изградената реалност
Затоа, треба да се послужиме со методите на: одложена пресуда (Suspension of judgment): „Пресудите ве прават да се чувствувате многу тешко. Попрво би го одложил моментот на пресуда – прашањето на моралноста – се до последниот момент, или би ги одложил во потполност.“ (Koolhaas, 1995, p 826)); или со перформативен контекстуализам: „Никогаш не руши, никогаш не преместувај, не заменувај, секогаш додавај, трансформирај и реупотребувај “(Druot, F., Lacaton, A., Vassal, J.P., 2007, p 23); или со амнестија на изградената реалност (Amnesty for Constructed Reality) на Лаурид Ортнер (Laurids Ortner,1986): „ќе биде нужно да се прифати тоталитетот на оваа непријатна реалност и да се делува на идниот развој со една непристрасна состојба на умот“. Се разбира, сите овие пристапи се однесуват на различни контексти, на баналноста на современите градски пејсажи, на безличноста на масовниот модернизам… но во случајот на Скопје треба да стане една од тактиките на однесување со изградената реалност.
Скопје 2014 ни ја покажа реалноста, нашата вистинска можност и неможност во некои сложени, но и секојдневни работи, идејни, но и конкретни градежно-занатски работи. Колку сме и колку не сме во можност да одговориме на архитектонските и градежните предизвици.. И секако, скоро ендемската состојба на неукост, невештост во совладување на градскиот партер. Колку поинтензивно дебатиравме за нијансите на стилската синтакса на фасадите, толку повеќе се распаѓаше новиот градски партер, колку повеќе учевме за историските периоди на архитектурата толку повеќе одевме во кал и ѓубре, колку повеќе им се потсмевавме на чудните скулпторски решенија, толку позасилено „летните тераси“ на кафанџиите ни го заземаа јавниот простор. Професорот Живко Поповски во еден тмурен дождлив ден на колегите на седница на Архитектонскиот факултет им упати критика: во Скопје немаме тротоари. Многу години подоцна останува истата елементарна цивилизациска забелешка.
Автор: проф. д-р Минас Бакалчев
Преземено од: ResPublica