Дали би се придружил на сеопшто востание против владата?
Младите во Европа не сакаат да гласаат, ама спремни се да му се придружат на сеопштото востание. Младите Европејци се презаситени од статус квото во Европа и подготвени се да излезат на улица и да направат промена.
Околу 580 илјади испитаници од 35 држави беа запрашани: дали активно би учествувале во сеопшто востание против генерацијата на власт, доколку се случи во наредните денови или месеци? Повеќе од половина од испитаниците меѓу 18 и 34 годишна возраст одговорија потврдно.
Испитувањето пред сѐ е фокусирано во само 13 земји во рамки на поголемиот проект „Која генерација?“. Интересно е што 61% од младите на Франција, во ек на претседателските избори, одговорија со „да“ (види столбест дијаграм). Некои од нив реално и тоа го правеа – имаше масовни собири во Рен и други градови против двата претседателски кандидата. Протестантите блокираа училишта, а некои маршираа во центрите на градовите со транспаренти „Избркајте ја Ле Пен, не имигрантите“ или „Не ги сакаме ни Макрон ниту Ле Пен“. Кон овие одговори на анкетираните испитаници, следуваат жалби поради преголемата корупција, премногу даноци, премногу богаташи, споредено со остатокот од Европа (податоците се преземени од тука).
Апатијата за гласање меѓу младината веќе подолг период е загрижувачка. Во Велика Британија стапката на излезност на младите на парламентарните избори падна од 66% во 1992 на 38% во 2005 год. Но, падот на учеството на изборите со гласање не значи нужно и политичка апатија.
Напротив, она што настаните од последните години го покажуваат е решеност на младите за учество во политиката преку протести – што не е баш вообичаениот начин. Младите се вклучени во различни облици на директна акција. Споредено со постарите гласачи, младите најверојатно би се потпишале на петиција и речиси двојно повеќе би учествувале во протест.
Вакви испитувања е добро да се направат и во нашата земја, иако евидентно е дека народните протести од 2008 год. против полициската бруталност, преку студентското движење за автономија на Универзитетот, како и настаните од 5 мај 2015 против криминалите на власта беа пред сè младински. Младински беа и антивладините демонстрации во април 2016 против самоволието на Претседателот на Републиката. Овој бран на автентични, недиригирани протести е знак дека нишалото е сега на страната на прогресивните барања. Против овој бран се инструментализираните протести, кои нема да успеат во намерата да го вратат нишалото во минатото – во национализмот, клерикализмот и прокапиталистичкиот сентимент.