Низ призмата на политичките идеологии

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.

Реакција на Гораст Муратовски


Политиката е речиси неизбежна тема во секојдневните разговори. Колку и да се обидуваме да ја заобиколиме и избегнеме, малку по малку, незабележливо ќе се провлече, за кратко потоа повторно да стане предмет на расправа. Но, зошто? Постои ли основана причина за ваквото поведение? Кус одговор — да!

„Ти си твојот мозок“ — е насловот на едно интервју со познатиот невронаучник Менфрид Спицер. Невронот е елементарна единица од структурата на мозокот и нервниот систем. Мозокот поседува приближно 86 милијарди неврони коишто на специфичен и неверојатно сложен начин сочинуваат групи и подгрупи, секоја со посебни функциски ролји (Azevedo, и др., 2009). Овие региони се, исто така, меѓусебно поврзани и заедно сочинуваат комплексен систем на однесувања како што се контролата на движењата, визуелната перцепција, сеќавањата, говорот, вниманието, емоциите итн. Па така, секоја одлука, политичка определба, избор на пријатели и преокупации е дел од комплексни невронски врзувања во мозочното ткиво.

Токму во 1981 година Роџер Спери добива нобелова награда за откритие кое покажува дека двете хемисфери на мозокот, всушност, не се идентични копии, напротив, секоја од нив извршува специфични должности (Sperry, 2003). До ваквото сознание дошол преку третманите на лица со епилепсија кои неретко доживувале застрашувачки напади како последица на повратните информациски јамки меѓу двете хемисфери. Спери презел хируршки интервенции — отстранување на мозочната структура наречена corpus callosum (мозочна греда) којашто ги поврзува двете мозочни хемисфери. На овој начин тие прекинале со меѓусебно комуницирање, а нападите запреле. Иако на почеток изгледало како сѐ да е во ред со пациентите, полека но сигурно почнале да се забележуваат невообичаени знаци. Со дополнителни и внимателни анализи, утврдено е дека секоја хемисфера оперира независно од другата. Левата е повеќе аналитичка и извршува логички задачи, додека пак десната e повеќе задолжена за уметнички подвизи и холистичка перцепција на дадена ситуација.

Мајкл Газанига, когнитивен невронаучник, познат по истражувањата на поделени хемисфери обзнанува дека постојат повеќе начини да се комуницира поединечно со хемисферите, а резултатите се фасцинантни покажуваат дека обете хемисфери може да имаат различни (у)верувања (Wolman, 2012). Во една интересна околност, неврологот Раманчандран испитувал пациент на кого му било поставено прашањето: „Дали сте религиозни?“. Неговата лева хемисфера се изјаснила како атеист, но, спротивно на ова, неговата десна хемисфера се декларирала како верник. Па така, пациент со поделени хемисфери ги има обете кај себе, атеист и верник, а многу веројатно дека ги има двете политички компоненти: либерал и конзервативец. На некој начин, може да се каже дека нашиот мозок претставува бојно поле каде се одвиваат битки меѓу мозочните сфери во поглед на заземањето ставови преку присвојување или отфрлање на идеи.

Науката во последниве години и децении веќе идентификуваше повеќе индикатори кои покажуваат дека нашите одлуки се последица на дузина биолошки фактори. Освен социо-психолошките фактори, постојат основани докази дека политичката определба е дел од физиолошките процеси преку мерење на електродермалната реакција на кожата (Oxley, и др., 2008). Дури и слики без политичка конотација може да ја предвидат политичката ориентација кај еден поединец (Ahn, и др., 2014). Скенирања на мозочното ткиво со употреба на магнетна резонанца (MRI) покажуваат корелација меѓу обемот на амигдалата — мозочна структура инхерентна со процесирањето на емоциите, особено стравот и гневот, чија големина е генерално поволуменозна кај конзервативните лица, додека пак, либералите се поврзуваат со обемот на сивата маса во предниот појасен кортекс — клучна за судење на конфликтни ситуации и грешки (Kanai, Feilden, Firth, Rees, & Geraint, 2011). Понови сознанија од невронауката имплицираат дека е тешко, а во некои случаи речиси невозможно да се промени нечие мислење кога станува збор за дадено политичко прашање, дури и во присуство на солидни докази (Kaplan, Gimbel, & Harris, 2016). Ваквиот феномен го врзуваме и идентификуваме со политичките идеологии.

Ролјата на ваквите идеологии е претставување и уважување на дадени идеи и верувања. Но прашањето што се наметнува е едноставно: дали е можно објективно да се верификува потеклото на овие идеи? Секако. Но, произлезените одговори веројатно нема да им се допаднат ниту на едните, ниту на другите. На пример, Карл Маркс ја користел идеологијата како концепт којшто го идентификува јазот помеѓу класите, портретирање на правата на граѓаните како универзален елемент во општеството. На овој начин, тој влијаел на градењето на бескласно општество. Иако во теорија изгледа примамливо, сепак, проблемот со ваквото гледиште е што индивидуите кои најмногу допринесуваат за општеството, всушност, не се разликуваат многу од оние кои го прават токму спротивното. Маркс, исто така, верувал дека бракот е опресивен потег за жената, малку повеќе од економски договор со кој се експлоатира женскиот идентитет. Не е воопшто за чудење што движења како феминизмот се продукт на доктрината на марксизмот, кој како што може да забележиме е еклатантен пример за идеологија.

Тогаш како да го селектираме она најдоброто со цел да добиеме едно поздраво општество? Краток одговор — истражување и уважување на објективната вистина. Научниот метод е единствената алатка преку која се истражуваат појавите во природата и општеството на најобјективно можно ниво. Речиси секоја развиена дисциплина за која сте имале можност да научите и слушнете е продукт на безброј истражувања што го практикувале научниот метод: природни науки (физика, хемија, биологија), општествени науки (психологија, антропологија, економија, социологија), хуманистички науки (историја, филозофија, музика) итн. Секое научно прашање се гради бавно, но успешно, градејќи консензус во поглед на важни конзистентни прашања. Во само приближно четири столетија човечката цивилизација направи подеми кои претходно нашите предци не ни можеле да си ги поимат: долговечност, економски раст, просперитет, цивилизираност и основни права.

Поучени од истражувачкиот процес, исказите потврдуваат дека политиката е само оддалечување од реалните проблеми на поединецот и човештвото со едноставно присвојување на идеи и догми (треба само да се потсетиме на фашизмот, марксизмот, тоталитаризмот, теократијата итн.). Затоа, доколку навистина сакаме брз општествен и цивилизациски прогрес, време е да го напуштиме светогледот и перципирањето на реалноста низ призмата на двете најголеми партии.

Гоце Симоноски

Референци

Ahn, W.-Y., Kishida, K. T., Gu, X., Lohrenz, T., Harvey, A., Alford, J. R., . . . Montague, P. R. (2014). Nonpolitical Images Evoke Neural Predictors of Political Ideology. Current Biology, 24, 2693–2699. doi:10.1016/j.cub.2014.09.050

Azevedo, F. A., Carvalho, L. R., Grinberg, L. T., Farfel, J. M., Ferretti, R. E., Leite, R. E., . . . Herculano-Houzel, S. (2009). Equal numbers of neuronal and nonneuronal cells make the human brain an isometrically scaled-up primate brain. The Journal of Comparative Neurology, 513(5), 532–541. doi:10.1002/cne.21974

Kanai, R., Feilden, T., Firth, C., Rees, & Geraint. (2011). Political Orientations Are Correlated with Brain Structure in Young Adults. Current Biology, 21(8), 677–680. doi:10.1016/j.cub.2011.03.017

Kaplan, J. T., Gimbel, S. I., & Harris, S. (2016). Neural correlates of maintaining one’s political beliefs in the face of counterevidence. Scientific Reports, 6, 1-11. doi:10.1038/srep39589

Oxley, D. R., Kevin, B. S., Alford, J. R., Hibbing, M. V., Miller, J. L., Scalora, M., . . . Hibbing, J. R. (2008). Political Attitudes Vary with Physiological Traits. Science, 321(5896), 1667-1670. doi:10.1126/science.1157627

Sperry, R. (2003, October 30). The Split Brain Experiments. Повратено од Nobel Prize: https://www.nobelprize.org/educational/medicine/split-brain/background.html

Wolman, D. (2012). The split brain: A tale of two halves. Nature, 483, 260–263. doi:10.1038/483260a