Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (II дел)

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Претворањето на Отоманската империја во полуколонија на империјалистичките држави имало сериозни реперкусии врз нејзината внатрешно-економска и политичка положба. Во основа Турција имала релативно заостанато стопанство. Таа било типично аграрна земја, со слабо развиено селско стопанство. Продирањето на капиталот на село се одвивало со доста бавно темпо. Развојот на индустријата се наоѓал на екстензивно ниво. Позабележителни промени имало во поголемите градови (Цариград, Солун и др.), и тоа со постоење на преработувачки претпријатија. Пробивот на странскиот капитал овозможувал да се развие поморскиот, речниот и железничкиот сообраќај. Пласирањето на стоки, а исто така и изнесувањето на турските суровински производи можело да се изведува само преку еден удобен сообраќај. Затоа и вложувањата на европските капиталисти биле мошне големи, со што се овозможувал странскиот побрз увоз и извоз. Вложениот капитал во сообраќајот во транспортот воопшто се подмирувал како со увозот и извозот така и од бројните такси и од приносот на патници и стоки и со таканаречените „километарски гаранции“ , тоест обврска на турската влада да исплатува определена сума од секој километар на железничките линии. Со ова уште еднаш се потврдува дека странскиот капитал имал решавачки позиции и во турската економика, во која и покрај тоа биле сочувани феудални остатоци, што имало осетен одраз врз општествено-политичката положба.

Во условите на полуколонијална состојба господарел и понатаму феудалниот режим. Продирањето на странскиот капитал не ја изменило значително многу општествено-политичката состојба. Потребно е да се нагласи дека во извесна смисла тоа се одразило во некои поразвиени делови на Империјата во знатно развивање на производните односи, но со постоењето на феудално-апсолутистичкиот режим бил сопиран било каков и да е напредок. Од друга страна пак, со право А.Д. Новичев вели дека странскиот капитал не се јавувал само како носител на прогресот, туку тој ползувал самоексплоататорски методи, не придонесувал за изменување на општествено-политичкото устројство. Типична појава претставувала господството на деспотскиот режим, кој навлегол во сите пори на општествениот живот. Сета власт била концентрирана во рацете на султанот Абдул Хамид (1876-1909), кој поради својот деспотизам бил наречен „крвав султан“ или „црвен султан“. Тој господарел со помош на својата дворска камарила и бројната феудална олигархија, која со ожесточени тирански методи ја задушувала секоја пројава на слободољубивост. Насекаде господарела тиранијата и анархијата. Највеќе од тоа страдале широките народни маси кои биле експлоатирани од сите страни. Тие, а и останатите слоеви на населението, биле задолжени да и плаќаат на државата големи и бројни даноци и такси. Исплатата на долговите на странските капиталисти се подмирувала како од даноците, така и од другите плаќања на населението. Покрај ова, населението било подложено и на други грабежи, што ги вршела турската солдатеска и другите разбојници. Тука спаѓале и разните зулуми на кои било подложено мирното население. Особено тешка била положбата на немуслиманското население кое не уживало никакви привилегии. Извесни подобрувања, што биле донесени со гилханскиот хатишерив и хатихумајунот, како и со други делумни реформи, не биле никогаш, или само единечно, спроведени во живот. На тој начин, немуслиманските народности биле подложени на силно национално угнетување, задушување на било каква и да е национална пројава. Но, и покрај тоа угнетување, во периодот кога Отоманската империја се наоѓала во процесот на распаѓање, се развило широко националноослободително движење на поттчинетите народи. Од овие движења особено забележителни биле арменското и македонското националноослободително движење од крајот на минатиот и почетокот на нашиот век. За овие движења, особено за македонското, се заинтересирала Европа воопшто, а посебно и империјалистичките држави, бидејќи со револуционерните пројави во срцето на Отоманската империја се нарушувала нивната рамнотежа, нивните империјалистички позиции на ова подрачје.

Извор: Одбрани дела, Христо А. Полјански, Мисла Скопје 1980

I дел: Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (I дел)

III дел: Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (III дел)


Во оваа едиција ќе бидат (пре)објавувани текстови кои во текот на историјата доследно ги опишувале, објаснувале, толкувале и, со еден збор, ги разбирале политичките, економските и социјалните состојби во кои се наоѓал народот кој ја населувал територијата на Македонија во XIX, XX и XXI век. При изборот на текстовите, ќе влијаат неколку критериуми, меѓу кои: прецизноста на анализите кои ги содржат, јасноста и разделноста на аргументацијата, вредностите кои ги застапуваат. Ќе се претпочитаат оние текстови кои застапуваат вредности кои ги интегрираат сите народности на територијата на Македонија, а важен критериум ќе е текстовите да бидат дополнително приоретизирани според влијанието што го извршиле на политичката стварност низ годините во Македонија. Сумирано, задачата што оваа едиција си ја предназначува е потретирање на севкупната политичка стварност во Македонија сè со цел современата теоретска мисла, која се обидува да ги опфати современите околности во кои се наоѓа Македонија, да може полесно да ги препознае контурите на македонската политика, како и соодветно да го води својот развој во дослух со нив.

Се надеваме дека овие текстови ќе послужат, пред сè, како провокација за размислување, а потоа и како правец во кој може да се движи критичката политичка мисла, но и како лакмусова хартија со која би се оценувала политичката зрелост на народот коj живее во Македонија.