Народот им доверил на неспособните да управуваат со трудот на способните

СРЕЌЕН ПРАЗНИК, ПРОИЗВОДИТЕЛИ. Анри де Сен-Симон (1760-1825) потекнувал од грофовско семејство. Сепак, бил на страната на производителите, наспроти кои ја поставил класта на непроизводители. Неговите нагласени симпатии кон производителите не биле случајни.

Така, во својата позната „Парабола“ поаѓа од една хипотетичка ситуација – дека во Франција, во ист ден, умреле педесетина најдобри хемичари, физичари, математичари, поети, уметници… Но дека, исто така, умреле уште толку најдобри механичари, градежни работници или лекари. Заедно со нив, истиот тој ден, умреле уште многу вредни земјоделци, столари, ковачи, производители на платно, леари… Што би се случило со Франција и нејзиниот народ? Франција и народот, истиот ден, би пропаднале! Или, како што самиот пишува:

„Во оној час, кога ќе ги загуби, нашиот народ би станал тело без душа“, бидејќи „… Франција може да напредува само тогаш кога ќе напредува науката, уметноста, стопанството и производството.“ Без нив Франција (или која било друга држава) не би била можна. Меѓутоа, од друга страна, да претпоставиме (продолжува Сен-Симон) дека во Франција, во еден ден, умреле братот на францускиот крал, војводата и војвотката од Орлеан, како и многу државни советници, членовите на Државниот совет, многу кардинали и бискупи, многу министри, како и најбогатите благородници, кои имаат големи привилегии. Нивната смрт, пишува Сен-Симон, би „… ги нажалила Французите, бидејќи имаат добри срца, па не би можеле рамнодушно да гледаат како снемува толку многу нивни земјаци.“

Сепак, од жалоста, не би следела пропаста на Франција, бидејќи Франција живее од трудот на производителите, а не од непроизводителите, бидејќи „… ни принцовите, ни крунските велможи, ни бискупите, ни префектите, ниту мрзливите сопственици не работат за напредокот на науката, уметноста, стопанството и производството… Тие му штетат на развитокот на народот, бидејќи своите пари ги трошат на таков начин кој не им користи на науката, уметноста, стопанството и производството… Општеството политички е заглавено во неморал.“ Заглавено е во неморал, бидејќи народот им „… доверил на неспособните да управуваат со трудот на способните. Ако погледнеме од позиција на етиката, ќе видиме дека најнеморалните се повикани да ги шират доблестите; а ако гледамо на тоа од позиција на правдата и праведноста, ќе видиме како на големите злосторници им е доверено да ги казнуваат малите грешки.“

Ова беа некои причини, од многуте други причини, зошто Анри де Сен-Симон ми е драг. Драг ми е, накусо, бидејќи застанал на страната на производителите (или пчелите), наместо на страната на непроизводителите, т.е. стршлените.Среќен празник производители, трудбеници, создавачи.

СРЕЌЕН ПРАЗНИК, ПРОИЗВОДИТЕЛИ. Анри де Сен-Симон (1760-1825) потекнувал од грофовско семејство. Сепак, бил на страната…

Posted by Љубомир Цуцуловски/Ljubomir Cuculovski on Friday, 30 April 2021