АктуелноЛокално

Шест години од убиството на Мартин Нешкоски

Денеска навршуваат 6 години од свирепото убиство на младиот Мартин Нешкоски. Нешкоски беше убиен на 6 јуни 2011 за време на постизборната прослава на неговите идеолошки истомисленици. Иако случајот сѐ уште не е расчистен целосно, се претпоставува дека при обидот да го поздрави и да му ја честита победата на тогашниот премиер, Никола Груевски, тој бил запрен, а потоа и крвнички претепан од страна на припадник на специјалната полицикска единица „Тигри“.

Овој трагичен случај сосема оправдано го разбуди гневот на македонскиот народ и резултираше со серија протести. Протестите беа организирани, ако воопшто може да се каже дека таков спонтан излив на гнев е организиран, преку социјалните мрежи и од човек на човек пренесувани. Барем привидно, овие настани завршија со пресудата од 14 години затворска казна изречена врз Игор Спасов, вработен во МВР.

Уште во првиот налет на протести и револт, структурите на МВР беа двосмислени во изјавите. Тие, како што подоцна се утврди, лажно изјавуваа игнорантност за било каков настан од тој тип. Дури и кога, под притисок на народот, признаа дека имало инцидент, се обидуваа да избегнат одговорност на нивните вработени и да ја префрлат вината врз жртвата. Имено, Нешкоски беше претставуван како наркоман, пијаница, крадец и слично, сѐ со цел да се оцрни неговото име. Ова младо момче беше несомнено жртвата, а не виновникот. Негативните и подли карактеризации на Нешкоски од страна на структурите на МВР се само показател до каде тие беа спремни да одат за да заташкаат ваков грозоморен чин. Дополнително, дури и кога тие би биле вистинити не се никакво оправдување за полициската бруталност и непочитувањето на човечкиот живот.

Показател за тоа дека челниците на ВМРО-ДПМНЕ во МВР не бираа средства беа снимените разговори на Гордана Јанкуловска, тогашна министерка во МВР, која се жалела дека „не можеш ни едно убиство да сокриеш“, како да станува збор за обичен, секојдневен настан! Овие снимки поттикнаа, по повикот на братот на Мартин, уште една серија протести. Првиот од нив, оној на 5 Мај, остана запаметен како најбурниот протест во историјата на независна Македонија. Покажувајќи дека воопшто не научиле од нивните грешки, „специјалните“ единици на МВР и тогаш се користеа со полициска бруталност за да ја сузбијат толпата. Тие крволочно тепаа и приведуваа сѐ што ќе им се најде пред патот – од малолетници па сѐ до постари граѓани.

Никако не смееме да го заборавиме случајот на Мартин Нешкоски! Тој, за жал, стана пример за тоа како (не) функционира токму оној дел од нашето општество кој истото треба да го брани. Судбината на Мартин и случувањата околу револтот кон неправдата нему нанесена ни посочуваат до кој степен е подготвен системот да оди за да се одбрани себеси и своите „кучиња“.