Патриотизмот на знамето
Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Прво сакам да им честитам на ракометарите на РК Вардар, за извоената победа над ПСЖ и освоеното прво место. Навистина голем подвиг е оваа победа, што за клупска, така и за национална сатисфакција.
Меѓутоа, вечерава ме втренчи еден миг кој за мене е значаен, а за еуфоричните граѓани, кои имаат право да се еуфорични и тоа право не им го спорам, е можеби малку смешен но и несовмесен со приликата и поводот. Нејсе, јас ќе си продолжам, па макар за тоа и бидам наречен хејтер или како што некои фејсбук „ботови“ ме нарекоа „учк“ – па нека им стој, немам мака. Ќе зборувам за импресиите кои ги имам apropos еуфоријава, победата и колективната катарза на македонскиот народ.
Ќе почнам со моментот дека оваа еуфорија покажува дека ние сме нација/народ кој е жеден за победи. Тие победи ни се нужни, поминувавме низ период којшто беше комплициран и тежок, со многу премрежја, изморени сме од дневната политика. Налет тоа, толку сме раскарани што на крај, само некој ваков повод и настан можат некако да не спојат и ние да се израдуваме како народ. Пеќи, ова стој и секогаш сум за колективни акции и колективни манифестации, макар тие биле и прослави после ракометни натпревари – ракометот не го сакам од душа.
Другиот момент е дека ракометарите победија за Македонија. Нешто што нема врска со реалитетот, затоа што:
– ракоментарите се преплатени за оваа работа, ниту еден не игра pro bono, уште помалку игра за Македонија
– поголем дел од ракометарите не потекнуваат од Македонија, односно не се ниту македонски граѓани, тие се со работен престој (виза) во Македонија и откако ќе им заврши договорот тие ќе си одат во нивните матични држави или некоја нова, во зависност од тоа каков договор потпишуваат и со која екипа.
Маркантен е моментот кој го подзабораваат граѓаните, а се однесува на многу битни правни и економски односи во Македонија. Сопственикот на РК Вардар е еден од руските олигарси за кои се смета дека соработува со претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста го знае по блискоста со друг олигарх Орце Камчев. Јас секогаш поаѓам од Марксовата теза дека: во буржоаското општество, работникот нема своја татковина. Така и во овој случај. На крај, фб постови кои се нижат како бисери, а имаат и доза на сарказам меѓутоа вџашува моментот на иронија на реалитетот. Тие коментари одат во насока: „Самсоненко за претседател/премиер“. Нешто што не значи дека ќе стане премиер, но успехот на екипата на РК Вардар не значи дека за тоа е заслужен Самсоненко, туку други перспективи како: големите влогови во РК Вардар во ракометари, високите плати на ракометарите, среќа при ждрепка итн.
Се надевам дека оваа еуфорија нема да влезе во функција на партиските реклами на двете политички партии како што се случи во 2011 година со кошаркарите. Се надевам дека квази-„патриотизмот на знамето“ нема да ги вчопи власодршците кои се нови и несикусни со ПР апаратот. Има еден интересен и сличен случај кој се однесува на слични параметри на злоупотреба во Албанија. Примерот често го употребува Фатос Лубоња, албански интелектуалец и критикувач на национализмот. Лубоња забележал дека после 2004 година, откако Грција освои Европско првенство во фудбал, во фазата по групи за светското првенство беше со Албанија. Во Тирана, Албанија ја победи Грција со неколку голови разлика. Тогашната власт на Албанија ги награди фудбалерите богато (со по околу 100.000 евра за секого). Ставот на Лубоња беше, и сеуште е, дека државата не го поправа медицинскиот уред за коронарографија, со тоа граѓаните се приморани да одат до Грција и да плаќаат по 5000 долари за една коронарографија. Да не објаснувам каква е ситуацијата со здравството во Македонија и оваа перспектива. Во Битола, клиниката е за никаде. Има уред за коронарографија, нема стручни лица за истата, еднаш месечно Сашко Кедев ја посетува болницата но на крај, сепак голем дел од битолчани овој зафат го прават во Охрид. Гинеколози од Битола, посетуваат болници во Прилеп и во Демир хисар, поради тоа што во болниците во овие градови нема гинеколози и анестезиолози.
Го пишувам ова, за да дадам до знаење на властодршците да не се накочоперат и со наши пари кои треба да бидат наменети за одржување на животот на луѓето во помалите, па и поголемите места во државава, да ги „наградат“ гладијаторите на македонштината. Како што погоре кажав, овие луѓе се платени и преплатени, што се надевам дека не се со наши пари кои се перат преку разно-разните олигархиски променади и соработки.
Во продолжение, би сакал да го „чекирам“ и делот на патриотизмот на знамето, синтагма која ја употребува и самиот Лубоња за квазипатриотите во Албанија. Имено, кај нас е позната таа појава на патриотизам на знамето, кое ги има следните својства:
– патриотот вее големо знаме
– не плаќа даноци (ја краде државата) и узурпира често државно земјиште,
– кон патриотизмот и македонштината гледа како униформна појава кон која сите треба да стремат, а тој многу често е во позиција на моќ, односно има најадено меше (стомак), а за оние кои не се во позиција на моќ, што можам да кажам друго освен тоа дека патриотизмот/национализмот оди најдобро на гладен стомак, и
– имаат анимозитет кон оние коишто се трудат на некој начин да ги рационализираат овие односи и да извлечат заклучоци кои се корисни и значајни за нашето општество и интенција за заедничарење
Предмалку, додека се расправав со еден фејсбук бот, ми извади клип снимен од страна на Јохан Тарчуловски на плоштад. Истиот ме нарече УЧК, дека носот ми бил грд и дека јас ќе сум навивал за Партизан Тирана, на крај заврши со моментот дека ќе сум повраќал катран од мака што Вардар победи вечерава. Ова е квинтесенција на еден огавен патритски/националистички изблик на нерафинираност и на импотентност.
На крај, би сакал да кажам збор два за состојбата со и околу спортот. Доаѓам од Битола, град кој некогаш имаше доста спортски капацитети. Тие капацитети ги снема и Битола, во однос на спортот е маргинален ентитет. Некои викаат дека битолчани сами си се криви, други викаат политиката е крива, трети викаат дека господ е голем. Мене тоа не ме занима. Како што политиката го уништи здравството, така и образованието, судството, на крај и спортот. Многу битолчани, вечерава беа фрустрирани. Не дека Вардар победи, па сега малограѓанскиот пристап на тоа Чкембари – Комити, туку моментот дека жедта за победи и за „сплотување“ (колку и да не се согласувам со овој израз и поим) вирее и меѓу нив.
Да се замислат властодршците и околу оваа перспектива.
Мариглен Демири