АктуелноЛокално

Приоритетно правосудство

Исходот за насилниците кои на 27 април упаднаа во собрание и извршија обид за убиство беше очекуван кога Ѓорѓе Иванов побара амнестија за нив во „Само вистина“ на Канал 5. Со изговорот дека биле „заведени од толпа“, на деветмината обвинети, поврзани со инцидентот, им беше изречена условна казна и беа пуштени на слобода.

Да разгледаме неколку други судски случаи и казни изречени за нив.

За почеток да се потсетиме дека до ден денес се водат судски спорови против неколку демонстранти од „Шарената револуција“. На нив им се заканува парична казна од илјадници евра за демолирање на претседателската канцеларија и за учество во толпа. Зачудувачки, Ѓорѓе Иванов не се обиде да побара амнестија за овие луѓе, а судството не одлучи дека треба да поминат само со условна казна, бидејќи беа „заведени од толпа“.

Да се потсетиме на колку „крадци“ им беше изречена затворска казна. Колкумина лежат затвор за украдени 150 ќебапи ? Колкумина лежат затвор за украдени 8 тегли ајвар и еден сок ? Ѓорѓе Иванов повторно не се обиде да побара амнестија за овие луѓе, а судството не одлучи дека треба да поминат само со условна казна, бидејќи беа „заведени од глад“.

Колкумина лежат затвор поради поседство на грам марихуана? Колкумина плаќаат оштети за ситни кражби? Колкумина се казнети поради нарушување на јавниот ред и мир?

Нашето правосудство ги вреднува прекршоците на многу чуден и застрашувачки начин – ригорозно постапува во врска со ситни прекршоци, а е комплетно милостив кон тешки криминали. Сведочат за тоа и укинувањето на мерката притвор за Сеад Кочан, и условната казна за насилниците од 27 април, и сите случаи кои беа и не беа набројани погоре. Што „научивме“ од него? Дека приоритетно е да се казни гладната кражба, а не обидот за убиство? Дека канцеларискиот инвентар е повреден од човековиот живот? Или, можеби, дека и убиството се простува кога тоа одговара некому на висока позиција?