Апостолски: Им наредив на бугарските армии да се вратат назад поради нивните саботажи

Додека провладините медиуми се обидуваат да ја покрепат ревизионистичката теза на Владата за “бугарска администрација” со вадење цитати од контекст на генералот Апостолски, во продолжение издвојуваме дел од неговите записи каде наведува дека Петта бугарска војска учествувала во саботажи и се борела против антифашистичките единици, наместо против германските војски. Како што пишува Апостолски, тој бил лут додека слушал како Радио Софија претставувало дека бугарските војски учествувале во ослободувањето на Велес и Штип.


Додека бевме во Охрид добивме радиограм дека нашата 42 Дивизија ја разбила надворешната одбрана на Германците во Скопје, влегла во него и веќе води борба. Тогаш веднаш со Павле тргнавме кон Скопје. На патот кон Скопје, Павле остана во Прилеп, а јас и Борко Темелковски – Лилјакот и некои други другари продолживаме за Скопје.

Кога дојдовме во Велес, видовме дека мостовите на Вардар беа урнати. Меѓутоа велешани беа направиле неколку мали сплавови од буриња и со еден таков сплав јас и Борко Темелковски, со уште двајца курира, преминавме на другата страна на Вардар. Таму најдовме дел од бугарската комора од која зедовме еден товарен камион и со него тргнавме кон Скопје. Сакавме што побргу да стигнеме за да спречиме евентуални недоразбирања со бугарските војски. Кога стигнавме на Црн Врв (на стариот пат), сретнавме единици од Петтата бугарска дивизија. На нашето прашање -каде одат, ни рекоа за Скопје. Ги запрев и наредив веднаш да се вратат назад. Им реков дека не ни се потребни. Имав информации дека таа дивизија никогаш и никаде не водела борби со Германците. За тоа постојат радиограми, а јас во моите книги го имам опишано сето ова. Си спомнувам дека кога требаше заедно да напаѓаме кај Теранци, нивната армија ги биеше нашите единици, а не германските. Затоа многу не размислував и наредив да се вратат назад. 

Кога дојдовме до Пчиња, не пресретна еден бугарски полковник. Се претстави дека е командант на Петтата дивизија. Го прашавме зошто седат тука, а тој ни одговори дека не можат да ја поминат реката, па чекаат да им донесат материјал за да направат мост, а Пчиња тогаш беше длабока само до колена. Тогаш енергично му реков да ја врати Дивизијата, зошто нам не ни е потребна. Му реков и тоа дека Скопје е веќе ослободено, иако знаев дека таму уште се водат борби. Бев многу лут поради нивните саботажи.

Патем слушав како Радио Софија јавува дека нивните војски го ослободиле Велес, а тие не ни видоа како изгледаше Велес кога се водеа борби за негово ослободување. Потоа, дека го ослободиле и Штип, што беше невистина зашто бугарската војска беше 30 километри далеку од Штип кога се водеа борби за негово ослободување. На полковникот му го истурив сиот гнев што го имав собрано слушајки ги вестите на Радио Софија и го вратив назад.