Гевгелија – лулка на демократијата

Има граѓански и политички права (право на глас, еднаквост пред законите итн). Има економски и социјални права (право на дом, право на вработување итн). Има зелени права (право на чиста животна средина, право на ресурси итн). Демократија е кога сите три групи се почитуваат во пакет, а не едни права за сметка на други. Не е демократија ако си вработен во рудник (економски и социјални права), со чие работење ќе се загадат воздухот и водата (зелени права). Почитувањето на сите права во пакет не е некое филозофирање, туку е нужност, оти може да го имате целото злато на светот, но ако немате воздух и вода нема да ве има ни вас. Без воздух сме мртви во рок од неколку минути, а без вода во рок од неколку дена.

Демократијата не завршува со гласањето на избори на секои четири години. Во меѓувреме на граѓаните за заштита на своите права од власта, на располагање им стојат други инструменти. Такви се референдумот, собирот на граѓани, граѓанските иницијативи, протестот.

Гевгеличани во врска со референдумот и прашањето за рудниците покажаа демократска зрелост и од двата аспекти. Тоа беше возможно благодарение на граѓанското здружение „Спас за нас“ кое со кампања насочена кон информирање, заврши маестрална работа во информирањето на граѓаните за последиците од рудниците. Потоа се створи притисок врз локалната самоуправа и истата (совет и градоначалник) имаа слух за правата и барањата на граѓаните и распишаа референдум. Со тоа се покажа демократска зрелост во уште еден аспект. Гевгеличани на Македонија и одржаа лекција по демократија, а лекцијата е дека демократијата функционира ако информирате доволен број на граѓани. Епа Македонијо, на тебе е ред.

Саше Јанчев