Шкотскaта премиерка: Време е за независност на регионот

Прeмиерката на Шкотска Никола Старџен рече дека е „време“ регионот да стане независен, и нагласи дека референдумот за независност на регионот може да се одржи во 2023 година

Според Старџен, референдум за ова прашање може да се одржи на 19 октомври 2023 година. На почетокот на јуни, таа ја објави својата намера да побара плебисцит за независност со цел да ја направи Шкотска „попросперитетна и праведна“ држава.

Премиерката истакна дека после тоа земјата нема да зависи од одлуките на британската влада, за кои не гласала или со кои не се согласува.

Во исто време, британскиот премиер Борис Џонсон повеќе пати изјави дека нема да дозволи да се одржи втор референдум, бидејќи Шкотите веќе се изјаснија за ова прашање пред осум години.

Во септември 2014 година, граѓаните кои живеат во Шкотска беа прашани да одговорат на прашањето: „Дали земјата треба да стане независна?“.

На овој референдум, 55,3% од нив гласаа против отцепување на регионот, додека 44,7% го поддржаа стекнувањето независност. За нов референдум во Шкотска ќе биде потребно одобрение од британските власти.