Рускиот амбасадор: Не можеме да ги прифатиме обидите агресорите и ослободителите да си ги „сменат местата“

Не можеме да ги прифатиме обидите да се доведат во прашање резултатите од војната
и значењето на Големата Победа, а агресорите и ослободителите да си ги „сменат местата“.


Во интервјуто кое Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија – Сергеј Баздникин одговара на прашањата поставени од списанието “Економист”, меѓу другото, на прашањето „како се развива соработката помеѓу Русија и Македонија“, Амбасадорот одговара дека македонската и руската нација се поврзани со длабоки историски традиции и дека Русија ги поддржуваше балканските народи за време на нивната борба за самоопределување.

„Во нашата земја студирале и работеле поетот Константин Миладинов, филолог и публицист Крсте Петков Мисирков, лексикограф Димитрија Чуповски. На Империјалниот Дерптски Универзитет, пред 130 години, славистот Леонард Готхилф Мазинг ја одбранил својата прва докторска дисертација за македонскиот јазик.

Нашите народи воделе заедничка борба против нацистичката чума за време на Втората светска војна. И покрај тоа што Црвената армија не учествувала во ослободувањето на Македонија, многу наши сонародници се бореле и загинале во редовите на партизаните. Затоа, многу ги цениме антифашистичките традиции што станаа темел на македонската државност и не можеме да ги прифатиме обидите да се доведат во прашање резултатите од војната и значењето на Големата Победа, а агресорите и ослободителите да си ги „сменат местата“.”

Додека за предизвиците со кои се соочуваат во соработката помеѓу двете земји, Амбасадорот подвлекува дека од нивна страна не гледаат никаква причина за проблеми во соработката со Македонија и дека во односот на двете земји нема надразнувачи, иако постојано се измислуваат проблеми од оние што се обидуваат да ја заменат здравата економска конкуренција со ривалство. Во оваа насока, тој истакнува дека трговските војни и едностраните санкции се неприфатлив метод за нивната земја. 

Во однос соработка на земјите во светот околу кризата со пандемијата, амбасадорот Сергеј Баздникин забележува дека пандемијата, на еден начин ги открила противречностите на глобализацијата и дека повторно стануваат актуелни пречките и бариерите кои се чинеше дека останаа во минатото. Тој уште истакна и дека Русија е подготвена да го сподели своето искуство во борбата со пандемијата и во оваа насока да соработува со сите земји, вклучуваќи ја и Македонија, како и во снабдувањето со руски вакцини, кои, како што вели амбасадорот, ја докажале нивната сигурност, ефикасност и безбедност.

На крај, како значаен предизвик за Македонија, рускиот амбасадор ги подвлекува иницијативите за употреба на „чисти“ извори на енергија, чија реализација ќе ја подобри социо-економската и еколошката состојба во државава и дека Русија со задоволство би го споделила своето искуство, како и технологии, за постигнување на оваа цел. 

Целото интервју може да го прочитате тука.