Владата не ги прима на средба – стечајците од Треска се заканија со блокирање на фабриката
Некогаш движечка сила во својата индустрија, денес само бледа меморија на тоа што некогаш била оваа фабрика. „Треска” во своите најдобри денови била значаен фактор во економијата во Република Македонија, со што броела над 600 работници. Со почетокот на приватизацијата, предводена од СДС, започнуваат и проблемите на работниците од оваа фабрика, како и за нивните семејства. Целата голгота започнала со барањето од поедини приватни лица кои што поседувале 8% од земјиштето на која што се наоѓала фабриката, па во соработка со криминалните структури на власта предводена од СДС, започнале процес за денационализација на тоа земјиште, притоа правејќи скандалозни пропусти и манипулации, а во корист на приватните лица.
Имено, овие приватни лица, во соработка со нивните пријатели – властодршци, наместо 8% од земјиштето за кои што тврделе дека ги следуваат, тие добиле 92% ( делот кој што припаѓал на „Треска” ) со што е направена неправда и криминал од огромни размери. Поради оваа одлука, самата фабрика е доведена до колапс и е поведена стечајна постапка во која што стечајните управници во најмала рака работеле конфузно и сомнително. Како надлежен судија за сомнителниот случај се јавува Сашка Трајковска, која исто така се јавува во скандалот со стечајот на топлификација „Те-то”.
Заглавени во лавиринтите на неправедниот правен систем, денес стечајците од Треска со партијата Левица повторно го блокираа влезот од фабриката. Како што самите изјавија, досега не биле примени на ниту една средба од Влада, туку единствено имале средба со советничка на поранешниот премиер Заев. Од таа средба биле препратени кај министерот без ресор Хисен Џемаили (познат по случајот со Мавровските работници), кој одбил да ги прими и наместо со министерот оствариле средба со негов советник. На средбата им било кажано да ангажираат адвокат, иако стечајната постапка веќе е завршена и правните механизми за решавање речиси и да не постојат.
„15 години талкаме по сите институции, барајќи го тоа што е наше, а тоа се 24 неисплатени плати и 2 ипол години неплатен стаж“, изјави денеска Виолета Атанасиева, една од стечајците од поранешната компанија Треска, додавајќи дека 524 стечајци чекаат да им се исплатат платите и стажот. „Цело време очекувавме дека со продажбата на Треска ќе добиеме, но тука нешто е направено да оној дел којшто беше наш го земе Викентијевиќ, а ние да го земеме помалиот дел и поради тоа не можат да не’ исплатат“, вели Атанасиева.
Атанасиева истакна дека единствено сакаат правда и да си го добијат она што чесно го заработиле. „Пријавивме во финансиска полиција, сѐ уште немаме никаква реакција. Пријавивме во Влада, министерство без ресор, секаде изодевме, веќе не знаеме што треба да правиме. Стечајниот управник ја продаде Треска за ич пари и не може да плати стаж до крај. Ние ќе протестираме се додека не ги остварат нашите барања. Од денес ќе бидеме се поригорозни, капијата ќе ја затвориме и нема да пуштиме никој да влегува.”
Стечајците го повторија своето барање дека бараат политичко, а не правно решение – односно обештетување од Владата во износ на платите кои им се неисплатени. Во меѓувреме, во текот на вчерашниот ден, на официјалниот фејсбук профил на Зоран Заев беше објавено дека „Владата предводена од СДСМ материјално обезбедила 12.000 стечајни работници за 2 и пол години.”
Димитрија Мицевски, еден од стечајците од Треска изјави дека Владата и институциите ги малтретираат со години.
„Имаме документи комплет за се што е направено со Треска криминалот. Со стечајна постапка од 16 години во Гинисова книга ќе влезиме. Пред да одиме во стечај, од Министерство за економија ни кажаа дека ќе бидеме први обештетени од стечајната постапка. Сите ги обештетија, парите од кириите што ги земаат до Треска ги зема државата. Па само државата ќе ни ги зема парите, кај сме ние?!”
На денешниот протест беа присутни и членови на политичката партија Левица, кои истакнаа дека работничката класа нема пријател ниту во СДСМ, ниту во ДПМНЕ, затоа што 15 години ниту една од овие партии не го решила проблемот на стечајците. Членот на Централниот Комитет, Бобан Кочовски, исто така истакна дека Левица се залага за целосно обештетување на работниците кои што се останати на улица поради приватизацијата. Тој апелираше до сите стечајци и работниците во државата дека само обединети стечајци можат да ги остварат своите барања и само обединети работници можат да ги добијат своите права.
На крајот од протестот присутните порачаа дека нареден петок повторно ќе го блокираат влезот на Треска.
Бобан Кочовски на протестот на стечајците од Треска„Работничката класа е оставена сама на себе. И двете партии имаа доволно време, повеќе од 15 години, да го решат проблемот на стечајците и тоа не го сторија."Изјава на Бобан Кочовски – член на нашиот Централен Комитет на денешниот протест организиран од стечајците на „Треска".
Публикувахте от Левица / E majta / Levica в Петък, 14 февруари 2020 г.