Македонски компании ќе се претстават на големиот Саем во Кина со вино, кондиторски производи и ИТ иновации
Петнаесет македонски компании ќе ги претстават своите производи и иновации на 4-тиот Саем на Кина и земјите од Централна и Источна Европа, што ќе се одржи во кинескиот град Нингбо. Делегацијата од Македонија ќе биде предводена од заменик министерот за економија Марјан Ристески, кој ќе има и билатерална средба со заменик министерот за надворешна трговија на Кина, Линг Џи.
Македонските компании кои ќе настапат на саемот доаѓаат од прехранбениот, винскиот и ИТ секторот, меѓу кои се: Алтера Фуд, Витаминка, Винчини, Бест Фуд, Виталија, Евал, М3ДС Академи, Соко Горица и Техногума. На изложбата ќе бидат претставени и познати македонски вински брендови како Тиквеш, Стоби, Имако, Крњево и Лепово, кои веќе имаат свое присуство на кинескиот пазар.
Саемот, чија тема годинава е „Нова визија за иднината“, се смета за клучна платформа за зајакнување на економската и трговската соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ). На повеќе форуми, сесии за промоција на инвестиции и културна размена, се очекува активно учество и од македонските претставници.
Кина е четвртиот најголем трговски партнер на Македонија. Сепак, трговската размена е нерамномерна – во 2024 година, македонскиот извоз во Кина изнесувал околу 57 илјади долари, додека увозот надминал 1,16 милиони долари. Од македонска страна најчесто се извезуваат вино, камен, фероникел и индустриска опрема, додека се увезуваат машинерија, челик, електроника и широка потрошувачка стока.
На саемот, кој ќе се одржува на простор од 20.000 м², ќе учествуваат над 400 изложувачи од 14 земји од ЦИЕ и девет други европски држави. Во делот на технологијата, Кина за првпат ќе го претстави иновативниот сегмент „Digital & Intelligent CEEC“, каде што водечки кинески компании ќе демонстрираат хуманоидни и четвороноги роботи, AR технологии и други високоразвиени системи.
Во рамките на кинеско-ЦИЕ соработката, започната во 2012 година, се реализирани преку 50 платформи за соработка во повеќе области, а Кина инвестирала 24 милијарди долари во регионот. Преку оваа соработка, Македонија веќе реализираше големи инфраструктурни проекти, како автопатот Миладиновци – Штип.
Саемот се очекува да привлече над 15.000 професионални посетители, а покрај трговијата, ќе понуди и културни настани, гастрономски презентации и промоции на туризмот. Оваа манифестација претставува значајна можност за македонските компании да го прошират своето присуство на кинескиот пазар и да воспостават нови деловни партнерства.
Извор/МИА