Основачот на Телеграм – Дуров тврди дека француски разузнавач побарал забрана на конзервативни гласови од Романија
Основачот на апликацијата Телеграм, Павел Дуров, обвини дека шефот на француската надворешна разузнавачка служба (DGSE) побарал од него да забрани конзервативни гласови од Романија во пресрет на изборите во таа земја – барање што тој, како што вели, го одбил.
Дуров, роден во Русија, моментално е под судски надзор во Франција и престојува во луксузниот хотел „Кријон“ во Париз, откако против него е покрената истрага за наводна организирана криминална активност преку Телеграм.
Тој изјави дека токму таму, во „Салон де Батај“ во хотелот, му пристапил Никола Лернер, директорот на DGSE.
„Оваа пролет, во хотелот Кријон, Никола Лернер, шефот на француската разузнавачка служба, ме замоли да ги забраниме конзервативните гласови во Романија пред изборите. Јас одбив“, напиша Дуров на мрежата X во неделата навечер.
„Не ги блокиравме протестантите во Русија, Белорусија или Иран. Нема да почнеме да го правиме тоа ни во Европа.“
На изборите во Романија, центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, неочекувано победи против десничарскиот националист Џорџе Симион, кој се залагаше за политика инспирирана од Доналд Трамп.
Резултатот од изборите беше дочекан со олеснување во Брисел, каде што владеат стравувања дека растечкото незадоволство меѓу граѓаните може да го зголеми влијанието на радикалната десница и да ја поткопа европската кохезија во однос на Русија.
Разузнавачката служба DGSE, во писмено соопштение, потврди дека неколкупати имала средби со Дуров „за да го потсети на неговата и на одговорноста на компанијата во спречување на терористички содржини и детска порнографија“, но категорично негираше дека побарала блокада на профили во врска со изборни процеси.
Обвинувањето на Дуров беше споделено на мрежата X од американскиот милијардер Илон Маск, кој и претходно ги обвинуваше европските земји за притисоци врз десничарски гласови. „Вау“, напиша Маск.
Самиот Дуров, уште додека беа отворени избирачките места во неделата, објави дека одбил барање од „западна влада“ да ги замолчи конзервативните канали во Романија, притоа додавајќи и емотикон багета – алузија на Франција.
Француското МНР ги негираше ваквите обвинувања и повика на одговорност и почитување на демократскиот процес во Романија.
Победникот на изборите, Никусор Дан, изјави дека изјавата на Дуров претставува „неовластено мешање на социјална мрежа во изборниот процес“ и „обид за влијание врз исходот“.
Инаку, апсењето на Дуров минатата година предизвика јавна дебата за слободата на говор на интернет. Илон Маск, кој тогаш го критикуваше апсењето, и самиот се наоѓа под истрага во Франција за наводна алгоритамска пристрасност на платформата X.
Маск во повеќе наврати преку X отворено ја поддржуваше десницата во Германија и Британија, што поттикна загриженост за потенцијално странско мешање.
Технолошката компанија OpenMinds неодамна објави дека околу 24% од каналите на Телеграм на романски јазик шират содржини за кои тврди дека се потпомогнати од Кремљ. Телеграм пак тврди дека корисниците добиваат само она за што самите се претплатиле.