144 години од раѓањетона Кемал Ататурк: Таткото на нацијата и нејзиниот најголем реформатор
На денешен ден, пред точно 144 години, во градот Солун, тогаш дел од Отоманската империја, се роди Мустафа Кемал — човекот што подоцна ќе го добие презимето Ататурк, значајно и симболично име што значи „татко на Турците“. По падот на империјата, тој не само што ја изгради новата Турска држава, туку ѝ вдпиша и сосема нов курс: секуларен, модерен и национален.
Ретко кој лидер во модерната историја успеал да направи таков пресврт во судбината на една нација. Од разурната империја, преку отпорот кон странската окупација, до создавање на независна и суверена република, Ататурк остави длабок и неизбришлив белег. Под негово водство, на 29 октомври 1923 година, е прогласена Република Турција, а Ататурк станува нејзиниот прв претседател.
Ататурк не беше само политичар или војсководец. Тој беше реформатор со визија. Неговата цел беше Турција да ја преобрати во современа, западно ориентирана држава, што ќе ја остави зад себе религиозната догма и феудалните остатоци од империјата. Во тој дух, Ататурк воведе реформи кои денес се сметаат за револуционерни:
Се укина калифатот, симболот на верската власт и се воспостави јасно одделување на државата од религијата.
Се воведе латиничното писмо, со што се олесни образованието и комуникацијата со светот.
Жените добија право на глас и еднакви права, што во многу земји на Блискиот Исток сè уште е недостижно.
Се замени шеријатското право со световен граѓански законик, инспириран од швајцарскиот модел.
Неговото мото „Мир во татковината, мир во светот“ не беше само реторика. Ататурк веруваше дека само независна, стабилна и самоуверена држава може да обезбеди траен мир. Тој промовираше национален идентитет заснован на заеднички јазик, култура и историја, а не на вера или етничка припадност.
Но, неговите реформи не поминаа без отпор. Конзервативните слоеви на општеството гледаа со недоверба на секуларизмот и западниот стил на живот. Сепак, Ататурк остана непоколеблив. За него, иднината не беше прашање на компромис, туку на јасна визија и храбра акција.
Во Турција, Ататурк и понатаму е најпочитуваниот државник. Неговото име се изговара со почит, неговиот лик е на сите банкноти, а неговата гробница во Анкара – мавзолејот Аникибир – е едно од најпосетените места во земјата. Но неговото влијание се чувствува и надвор од Турција. Многу нации кои се ослободувале од колонијализам или феудализам гледале во него како пример за суверенитет, самодоволност и просветено раководство.
Во време на глобални превирања, враќање на верскиот фанатизам и авторитаризам, ликот на Ататурк потсетува на тоа што значи модерност базирана на разум, знаење и народна волја.
144 години по неговото раѓање, Мустафа Кемал Ататурк не е само историска личност. Тој е темелот на една држава, симбол на една идеја и сведоштво дека напредокот бара храброст – да се спротивставиш на традицијата, да го предизвикаш статус кво-то и да создадеш нешто што ќе го надживее времето. Ататурк успеа во тоа. И затоа, неговото дело сè уште зборува – не само за Турција, туку и за светот.