Охрид СОС: Пренасочувањето на Сатеска – спас за езерото или еколошка измама?
Граѓанската иницијатива Охрид СОС остро реагираше во врска со проектот за пренасочување на реката Сатеска, кој од 2022 година се спроведува со поддршка од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и македонските власти. Наместо решение за заштита на Охридското Езеро, организацијата предупредува дека проектот претставува уште едно „квази-решение“ кое не само што не ги решава проблемите, туку може и да ги влоши.
Сатеска, која во шеесеттите години била вештачки пренасочена во Охридското Езеро, со години го загадува езерото со седименти, пестициди и други штетни материи. Идејата за нејзино враќање во природното корито кон Црн Дрим беше претставена како значаен чекор за заштита на езерото и подобрување на отпорноста на регионот на екстремни временски услови.
Но, според Охрид СОС, реализацијата на проектот е проследена со сериозни недостатоци: новото речно корито е изградено да издржи само 15 м³/сек, наместо 100 м³/сек колку што е потребно при поројни дождови. Тоа значи дека во екстремни услови, загадувањето ќе продолжи да се влива во езерото.
Дополнително, оцената на влијанието врз животната средина (ОВЖС) која требаше да ги анализира ефектите од проектот, според иницијативата, е плагијат и содржи неточни и застарени информации. Не се земени предвид ни ефектите врз автохтоните видови, како охридската пастрмка, а документот бил доставен до Министерството за животна средина пред да се одржи јавна консултација.
Коментарите од Охрид СОС нацрт-документот биле игнорирани или „мистериозно исчезнати“, а проектот започнал без законски задолжителното мислење од Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.
Како резултат на ваквите пропусти, Охрид СОС поднесе жалба до УНДП, по што Единицата за усогласеност со социјалната и животната средина отвори истрага и потврди сериозни прекршувања, вклучувајќи плагијат, недоволна контрола од страна на министерството, и доведување во заблуда на УНДП од страна на властите.
„Пренасочувањето на Сатеска се врши врз основа на оценка толку лоша што проектот дури има потенцијал да ја зголеми изложеноста на влијанија од климатските промени“, предупредуваат од Охрид СОС, повикувајќи на итна ревизија на проектот и законска реформа која ќе обезбеди вистинска заштита на животната средина.
И покрај можноста да се зајакне законодавството, предложените измени во Законот за животна средина се далеку од доволни, додава организацијата, прашувајќи: „Што уште треба да се случи за властите конечно да сфатат дека проценката на ризици не е формалност, туку прашање на опстанок?“
Целото нивно соопштение во продолжение: