АктуелноЛокално

Тошковски во Дубаи, Македонија во хаос – Безбедноста на пауза додека министерот се слика со шеикот

Додека Македонија тоне во безбедносен хаос, додека граѓаните живеат во страв и очекуваат барем еден одговор за низата убиства, пожари и престрелки што ја потресуваат земјата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се слика со шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан во Дубаи. Последниот негов „ангажман“ е учество на Светскиот полициски самит во Обединетите Арапски Емирати, каде што, со насмевка и дипломатски флоскули, потпиша меморандуми за „безбедносна соработка“ и признавање на возачки дозволи. Македонија навистина ќе процвета со тоа.

Оваа сцена, во секоја сериозна држава, би изгледала како лоша шега. Но кај нас е реалност. Министерот заминува на службени прошетки во земји од луксузна категорија, додека дома беснеат нерешени убиства, полицијата е под истрага, а системот демонстрира длабока нефункционалност. Од преземањето на функцијата на 29 јануари, Тошковски не понуди ништо освен тишина и протоколарни фрази.

Да потсетиме: убиството на лекарот Ацо Трповски, престрелката во центарот на Скопје каде беше убиен пејачот Амар Исмани, ликвидацијата на бизнисменот Чедо Радомировиќ – сите овие случаи сè уште се без епилог. Семејствата чекаат, граѓаните живеат во страв, а министерот патува.

Но, вистинската капка што ја прелеа чашата е трагедијата во Кочани – пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 млади луѓе. Наместо да даде одговор, оставка или барем отчет за улогата на МВР во дозволата за работа на објектот без минимум услови, Тошковски молчи. Или, поточно – зборува од Дубаи.

Седуммина полицајци се под истрага, документацијата што ја издавале е проблематична, надзорот затаил – и никој од одговорните не е разрешен. Ова е министерот кој треба да носи правда и безбедност.

На сето ова, се додаваат економската криза, високата инфлација, и ескалирачката недоверба во институциите. Во таков контекст, патувањето во Дубаи изгледа не само како расипнички гест, туку и како отворено газење по народот. Се поставува прашањето – дали нашите функционери имаат барем трошка совест кога одлучуваат да си земат дневници и да се фотографираат со шеици, додека дома им горат зградите, буквално и метафорично?

Да, меѓународната соработка е важна. Но не кога служи како параван за избегнување одговорност. Не кога министрите си организираат туристички тури, додека институциите не можат да се справат ниту со основни задачи.

Граѓаните не бараат фотки од светски самити, туку правда, безбедност и одговорност. Бараат да не живеат во држава во која убиствата се секојдневие, а институциите се парализирани. А пред сè, бараат министер кој нема да се крие зад шминка на меѓународни протоколи, туку ќе застане пред нив и ќе даде отчет. Или, ако тоа не може – да замине, ама не во Дубаи.

Z P

Zvezdanka Pesikj