ЕУ со закани, уцени и двојни стандарди во име на демократијата – Казни за чествување на победата над фашизмот
Во пресрет на 9 Мај, денот што симболично се слави и како Ден на Европа, но и како Ден на победата над фашизмот, Европската Унија влезе во нов скандал, откако шефицата на европската дипломатија Каја Калас најави последици за секој претставник – и од земјите членки и од кандидатите за членство – кој ќе се осмели да присуствува на воената парада во Москва. Настанот, што традиционално се одржува секоја година на Црвениот плоштад во чест на падот на фашизмот, одеднаш стана табу-тема во очите на Брисел, кој сè почесто настапува со реторика која повеќе наликува на авторитарна команда отколку на демократски дијалог.
– Оние што ќе одат во Москва ќе се соочат со последици – изјави Калас по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, додавајќи дека „јасно им е ставено до знаење“ на земјите-кандидати дека мора да се воздржат од присуство на чествувањето во Москва.
Овој став на ЕУ наиде на жесток одговор од словачкиот премиер Роберт Фицо, кој категорично ја отфрли политиката на закани и условувања.
– Ќе одам во Москва. Дали предупредувањето од Калас е форма на уцена или сигнал дека ќе бидам казнет по враќањето? Не знам. Но знам дека не сме во 1939 година. Словачка е суверена држава, и јас сум нејзин легитимен премиер. Никој не може да ми диктира каде да одам и кому да му одам на чествување – изјави Фицо.
Тој посочи дека неговата одлука не е политички акт, туку чин на историска почит кон илјадниците загинати борци на Црвената армија, кои придонеле за ослободување на Европа – вклучително и на Словачка – од нацистичката окупација.
– Ќе одам да им оддадам почит на жртвите, исто како што одам на чествувања во Нормандија, Пацификот или планирам да одам на спомените за пилотите на РАФ. Не смееме да дозволиме селективна меморија кога станува збор за Втората светска војна – рече тој.
Аналитичарите се согласуваат дека потезите на ЕУ стануваат сè поагресивни и го кршат самиот демократски темел на кој се темели европскиот проект. Заканите, уцените и забраните кон држави и лидери, само затоа што избираат да оддадат почит на историски настан, претставуваат опасен преседан што ја доведува во прашање независноста на националните влади и нивната надворешна политика.
– Не можеш да проповедаш демократија, а да се однесуваш како диктатор. Дури и да има јасна позиција за руската инвазија врз Украина, ЕУ не може да го забрани историјата и да ја препишува според дневнополитички интереси – сметаат политички коментатори.
Овие закани не се изолиран инцидент. Според некои аналитичари, Брисел веќе подолго време покажува тенденција на мешање во внатрешните процеси на други држави, особено на земјите од Источна Европа. Од влијанието врз изборите во Романија и Молдавија, преку поддршката за прозападни движења во Србија и Грузија, па сè до прикриениот притисок врз гласачките процеси во самата Франција, ЕУ демонстрира дека слободната волја важи само ако се совпаѓа со нејзината агенда.
Брисел заборава дека демократијата не значи само усогласеност со заедничката надворешна политика, туку и почитување на плурализмот, суверенитетот и историската меморија. Едностраните обиди за контрола врз тоа каде и како државите ќе чествуваат, се одраз на длабока институционална хистерија, а не на стабилна и демократска Унија.
Челниците на ЕУ поставуваат линии на поделба – оние што мислат „правилно“, и другите што се ставаат на „погрешната страна на историјата“. Но кој има право да ја дефинира таа историја? И кој е тој што ќе решава кој човек заслужува почит – само ако е западен сојузник?
Сè повеќе е јасно дека Европската Унија, во својата борба против надворешните закани, самата станува заробеник на сопствените догми и се претвора во бирократска тврдина што казнува несогласување, а не го охрабрува.
Парадоксално, во обид да се одбрани демократијата, ЕУ ја убива со свои раце.